1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Atomstreit Iran USA

16 април 2009

Претседателот на Иран е за нов почеток во спорот со САД околу иранската атомска програма и најави нови предлози за разговорите со меѓународната заедница. САД возвратија со најава за подготвеност за дијалог со Иран.

https://p.dw.com/p/HYPl
Американскиот претседател Барак Обама смета дека е можен свет без атомско оружјеФотографија: picture-alliance/ dpa

Се’ уште станува збор за претпазливо приближување, но речиси не може да се превиди затоплувањето на релација Техеран - Вашингтон. Она што може да се слушне од Махмуд Ахмадинеџад, кој досега беше олицетворение на застапник на цврста линија кон САД, е речиси „офанзива на шарм“ кон „големиот сатана“, како што САД досега постојано беа нарекувани од Техеран: Иран бил широкограда нација и можел да ги заборави грешките од минатото и да направи нов почеток. Иранскиот претседател ја поздрави идејата на Вашингтон да учествува во атомските преговори со неговата земја и најави дека Иран ќе подготви нови предлози за тие преговори.


Иран нема да се откаже од облагородување уран - САД подготвени да го прифатат тоа?

Iran Atomanlage in Isfahan Uran
Ирански постројки за облагородување уран кај градот ИсфаханФотографија: AP


Отворено е кога ќе бидат готови тие предлози и што ќе содржат. Но, може да е во прашање само тактика, за со нешто позитивно да се возврати на помирливите излегувања во пресрет од страна на Вашингтон, без обете страни да се подготвени да попуштат во суштината на спорот.

Техеран и натаму нема да биде подготвен да се откаже од атомската политика, особено од облагородувањето на уран. Пред само неколку денови беше славено пуштањето во работа на постројка за производство на нуклеарно гориво. За Техеран тоа е демонстрација на самостојност и способност, од која нема да се откаже. Се чини дека во Вашингтон тоа полека го сфаќаат и дека се подготвени да прифатат Иран да облагородува уран, ако остане на сегашниот волумен. Со тоа, владата на Обама се оддалечува од ставот на Советот за безбедност на ОН, кој - под притисок од Буш - наложи целосно запирање на облагородувањето на уран, под закана со санкции за неспроведување.

Обама уште во предизборната кампања најави готовност за директни преговори со Иран. Иако досега не дојде до тоа, Обама сепак најави дека САД ќе се приклучат кон преговорите, кои со тоа ќе станат „пет плус еден“ - постојаните членки на Советот за безбедност плус Германија.

Израелско-палестински мировен процес - пат за запирање на иранските атомски амбиции?

Iran Russland Atomanlage in Bushehr
Иранската атомска централа БушерФотографија: AP


Обама не остава сомневање - и тој сака да го спречи Иран да произведува или да набави атомско оружје. Но, Иран вели дека воопшто нема таква намера. Истовремено, американскиот претседател знае дека таа земја досега, во секој случај, се движи во рамките на Договорот за неширење на атомското оружје. Недозволеното прикривање на проектите за облагородување беше пред повеќе години. Оттогаш е познато што прави Иран.

Вашингтон и Техеран би можеле да се обидат атомското прашање да го поврзат во поширок регионален контекст. Иран во минатото предложи да врши контролирано облагородување на уран за мирољубиви цели и за други држави од регионот. Ако треба сериозно да се сфатат напорите на Вашингтон за атомско разоружување, тогаш тие треба во регионот да ги опфатат и Индија, Пакистан и Израел. Вашингтон веќе испраќа јасна политичка порака кон Израел: најдобар пат да се запрат иранските атомски амбиции е повторно заживување на мировниот процес меѓу Израел и Палестинците.


Автор на коментарот: Петер Филип

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска