1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и‘ нудат помош на Русија по нападите во Волгоград

АМ/афп/макфакс31 декември 2013

Вашингтон е подготвен за поблиска соработка со Русија на безбедносен план пред ЗОИ во Сочи. Русија ја зголеми безбедноста и жали за загинатите во двата напади во Волгоград. Вкупниот број на жртвите се искачи на 34 лица.

https://p.dw.com/p/1AjON
Фотографија: Reuters

Белата куќа и‘ понуди на Русија целосна соработка во безбедносните мерки за одржувањето на Зимските Олимписки Игри во Сочи, изјави портпаролот Кејтлин Хајден. Вашингтон ја поздравува можноста за поблиска соработка заради обезбедување поголема сигурност за спортистите.

Во меѓувреме, бројот загинати во терористичкиот напад во тролејбусот од понеделникот наутро во јужниот руски град Волгоград се зголеми на 16, со што вкупниот број на загинати, заедно со 18-те од претходниот самоубиствен бомбашки напад на железничката станица во истиот град од неделата наутро се зголеми на 34, соопшти регионалното министерство за здравство.

Агенциите известуваат дека во клиниките остануваа повеќе од педесетина лица, состојбата на повеќето од нив лекарите ја оценуваат како крајно тешка, а неколку повредени се во критична состојба. Меѓу загинатите се и две деца на околу двегодишна возраст, а неидентификувани се три лица.

Локалните власти во Волгоград прогласија тридневна жалост од 1-ви до 3-ти јануари. Жртвите од првиот напад веќе се погребуваат во Волгоград.

Сe’ уште никој не ја преземал одговорноста за двата напада, за коишто постојат сомневања дека се извршени од бомбаши самоубијци. Осомничени за овие терористички напади, коишто ги осуди целиот свет, се џихадистите од северен Кавказ, чиј водач Доку Умаров пред неколку месеци ги повика муслиманските екстремисти да не „дозволат по секоја цена“ одржување на Зимските олимписки игри, коишто треба да се одржат во Сочи почнувајќи до 7-ми февруари.