1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Полска потпишуваат договор за стационирање на ракети

20 август 2008

По војната во Грузија, Полска во врска со безбедноста се‘ повеќе се потпира на американските ракети. Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс денеска става потпис на договорот за стационирање ракети.

https://p.dw.com/p/F1O5
Кондолиза Рајс ќе го потпише договорот со ВаршаваФотографија: AP

Полските дипломати се натпреваруваа во тоа кој ќе го потпише договорот за стационирање на американските ракети, секој сакаше тоа да го претстави како свој успех, и претседателот Лех Качински, премиерот Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски. На крај, успеа премиерот Доналд Туск. Во неговата резиденција во Варшава денеска се става потписот на документот кој се смета за најважен од пристапот на Полска во НАТО и ЕУ. Премиерот Туск:

„Факт е: за првпат во историјата на независна Полска по 1989 година ние учествуваме во одбранбен систем во кој целта е поголема безбедност за Полска. Знам дека стационирањето буди и сомнежи. Но, јас сум убеден: ова е добар договор за националната безбедност и се исплаќа за него да се плати и одредена цена.“

Гаранции за безбедноста на Полска

Со билатералниот договор за стационирање, Вашингтон добива можност во Полска да изгради база за лансирање на вкупно 10 ракети од својот т.н. ракетен одбранбен систем. За возврат, во близина на Варшава веројатно ќе биде преместена една батерија на американските Патриот- воздушен ракетен систем заради заштита на полската тероторија. Двата система остануваат под командата на Американците.

Од аспект на Варшава, исто толку важно како и стационирањето, е и политичкиот дел од договорот кон него, во кој Вашингтон се обврзува на воена поддршка на Полска во случај на конфликт. Полскиот екс претседател Александар Квашњевски предупредува од лажни очекувања:

„Сите пропагандистички тврдења дека Одбранбениот ракетен штит ќе ќе ја зголеми бебедноста на Полска, јас ги сметам за претерани. Тоа само ќе го засили сојузот со Американците, но не мора да ја зајакне нашата безбеднст во однос на можни активности од Русија.“

Полјаците се за стационирањето на ракетите

Кај полското население по војната во Кавказ е забележлива промена на расположението. Од страв од нова агресивна политика од страна на Русија ,нема речиси ни трага од претходното одбивање на новиот ракетен систем. Наместо тоа, околу 60 проценти од Полјаците се надеваат на поголема безбедност на нивната земја.

„Ние воено профитираме од ова, а САД се наш партнер кој може да ги штити нашите граници,“ вели еден Полјак.

Според експертите, можно е ратификување на договорот и почеток на изградбата на американската ракетна база уште оваа година.