1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Русија заеднички ќе работат за мир во Сирија

Б. Георгиевски/афп/дпа8 мај 2013

По долги несогласувања и спротивставени погледи, Русија и САД и се договорија заеднички да се обидат да најдат решение на крвопролевањето во Сирија. Првиот чекор е одржување меѓународна мировна конференција

https://p.dw.com/p/18Tps
Фотографија: Reuters

Посетата на американскиот државен секретар Џон Кери на Москва ја одбележаа два маратонски состанока. Тој прво разговараше околу два часа со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа уште три часа со шефот на дипломатијата Сергеј Лавров.

„Се согласивме Русија и САД да ги охрабрат сириската влада и опозициските групи да изнајдат политичко решение“, изјави Лавров на заедничката прес-конференција која се одржа по полноќ.

Лавров и Кери се надеваат дека ќе успеат да организираат меѓународна конференција до крајот на мај, која би се надоврзала на заклучоците од Женевскиот договор од јуни минатата година во кој светските сили се заложија за мирно решение во Сирија.

Со Женевскиот договор, кој никогаш не беше спроведен, беше поставен патот за формирање транзициона влада, но не беше одлучена судбината на претседателот Башар ал-Асад.

„Овој договор треба да биде ориентир преку кој сирискиот народ ќе го изнајде патот кон нова Сирија, и преку кој крвопролевањата и масакрите ќе престанат“, изјави Кери.

„Алтернативата е уште повеќе насилство, а Сирија не само да се приближи до амбисот, туку и да западне во целосен хаос“, дополни Кери.

Асад може да остане

Она што делува како најголема концесија на САД во однос на руските барања, е попуштањето на Вашингтон во однос на иднината на Асад. Вашингтон досега инсистираше дека Асад мора да замине. Но Кери изјави дека само сирискиот режим и опозицијата можат да го договорат изгледот на транзициската влада која ќе биде задолжена да спроведе демократски избори.

Syrien Kämpfe in Deir al Zor
Фотографија: Reuters

„За мене лично е невозможно да замислам како би било можно во Сирија и натаму да владее човек за кој знаеме какви злосторства стори. Но јас не одлучувам за тоа“, рече Кери.

Лавров соопшти дека двете земји се подготвени да ги употребат сите средства за да ги седнат на преговарачка маса режимот и опозицијата.

Во првата реакција по соопштувањето на договорот, пратеникот на Арапската лига за Сирија, Лахдар Брахими го опиша истиот како „многу значаен прв чекор“.