1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД назначија нов командант на НАТО

АТ/ дпа/ап/ртре29 март 2013

НАТО долго чекаше на нов врховен командант. Кормилото требаше да го преземе американскиот генерал Ален, но се откажа. Сега функцијата ја презема врховно воено лице од воздухопловството, генералот Бридлав.

https://p.dw.com/p/186vX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американскиот претседател Барак Обама го именуваше воздухопловниот генерал Филип Бридлав за нов врховен командант на НАТО, соопшти министерот за одбрана на САД Чак Хејгл. Преземањето на функцијата се очекува оваа пролет, точен термин се’ уште не е наведен.

Генералот Филип Бридлав ќе го замени адмиралот Џејмс Ставридис на местото Врховен командант на Алијансата. Оваа функција, од основањето на Северноатлантскиот сојуз во 1949 година, традиционално им се доделува на американски офицери, додека генералниот секретар на НАТО доаѓа секогаш од европските парнери.

Именувањето на 54-годишниот Бридлав не е изненадување, оти тој се вбројуваше меѓу фаворитите. Него мора да го потврдат уште НАТО партнерите. Бридлав досега носеше одговорност за Американските воздухопловни сили во регионите Европа и Африка и воздушно-одбранбената команда во германски Рамштајн.

Кандидатот Ален се откажа

Првично Белата куќа го номинираше генералот Џон Ален за Врховен командант на НАТО, кој до почетокот на февруари служеше како Врховен командант на меѓународните трупи во Авганистан. Генералот со четири ѕвезди потоа беше вовлечен во аферата Петреус. Ален ја повлече кандидатурата, појаснувајќи дека го презема овој чекор поради здравствени проблеми во семејството. Притоа тој се изјасни дека неговата одлука не е поврзана со истрагата на Пентагон за „евентуални несоодветни“ имејл пораки на познаничка на поранешниот шеф на ЦИА, Дејвид Петреус, кој поднесе оставка поради вонбрачна врска.

Американските медиуми меѓутоа информираа дека Ален стравувал оти аферата Петреус може повторно да биде тема при сослушувањето во Сенатот при неговото потврдување. Ален во ноември минатата година беше вовлечен во скандалот, но американското министерство за одбрана во јануари годинава го растовари од обвинувањата. Министерството заклучи дека не се однесувал спротивно на стандардите.