1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД на пресвртна точка?

СН/афп/дапд/ртр18 декември 2012

Во Њутаун се извршени првите погреби на жртви од масакрот во основното училиште Сенди Хук. Заострување на правото поседување оружје веќе не е табу тема во земјата која треба да се справи со последиците на трагедијата.

https://p.dw.com/p/174Lw
Фотографија: Reuters

По три дена јавни комеморации во малиот град во сојузната држава Конектикат, семејствата на жртвите од училиштето Сенди Хук вчера започнаа приватни погреби на своите сакани.

Погребот на најмладата жртва од масакрот Ноа Познер, кој штотуку наполнил шест години, се одржа вчера попладне, а неколку часа подоцна беше погребан и неговиот соученик од одделението, Џек Пинто. Голем број луѓе им изразија сочувство на роднините на двете жртви и на погребите дојдоа со своите деца. Сите училишта во градот останаа затворени. Погребите на останатите жртви треба да бидат спроведени во текот на неделава.

Застапниците на правото на оружје почнаа да говорат

20 годишниот жител на Њутаун, Адам Ланза во петокот наутро по локално време наоружан до заби во рок од неколку минути уби 20 деца и шест возрасни лица во училиштето, вклучително и директорката и училишниот психолог. Напаѓачот на крајот се самоубил. Тој пред масакрот во училиштето ја убил и својата мајка во заедничкиот дом во градот. Полицијата досега одбиваше да шпекулира за мотивите на Ланза се‘ додека не ја заврши истрагата.

Amoklauf USA Newtown Connecticut USA
Фотографија: Reuters

Во меѓувреме сенаторот Џо Манкин познат по неговата поддршка за правото на поседување оружје, го прекина молкот меѓу претставниците на тоа силно лоби во САД по масакрот во Њутаун.

„Милиони и милиони луѓе во земјата се горди и одговорни сопственици на оружје“, изјави демократскиот сенатор во Западна Вирџинија. Тој вети дека ќе работи заедно со влијателната лоби организација на застапниците на правото на поседување на оружје - НРА во насока на изнаоѓање на решение за заштита на американските граѓани од насилство во иднина. Меѓутоа Манкин изјави дека мора да започне чувствителен дијалог со гаранции за сопствениците на оружје дека нема да го загубат тоа право.

Петиција до Белата куќа

Телевизискиот настап на сенаторот следуваше по повиците на бројни политичари за итна акција во насока на заострување на законите за поседување оружје, предводени од демократската сенаторка Дајен Фајнстајн од Калифорнија, која најави дека веднаш по почетокот на работа на новиот состав на Конгресот во јануари ќе предложи нов закон за оружје со кој ќе се забрани продажбата на јуришни пушки. Американскиот претседател Барак Обама во неговите две обраќања за време на викендот избегна директно да спомене евентуална реформа на законите за поседување оружје, но порача дека се потребни промени. Околу 47 насто од домаќинствата во САД поседуваат оружје. На интернет страницата на Белата куќа од петокот наваму повеќе од 150 илјади луѓе ја потпишале петицијата за заострување на законите за оружје.