1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД не се враќаат во Ирак, но ќе помогнат за Фалуџа

Александар Методијев/афп/миа5 јануари 2014

Вашингтон ќе му помогне на Багдад во неговата битка против Ал Каеда, но американските трупи нема да се вратат во земјата. Aмерикански сенатори го повикаа претседателот Барак Обама да реагира по преземањето на Фалуџа.

https://p.dw.com/p/1AlT8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фалуџа веќе неколку дена е во рацете на милитанти поврзани со Ал Каеда. Американскиот државен секретар Џон Кери вети дека САД ќе обезбедат поддршка за ирачките безбедносни сили во нивната битка против милитантите. Кери рече дека Вашингтон е „многу, многу загрижен“, но дека во исто време не се планира враќање на американските трупи на терен, по нивното повлекување во 2011 година.

„Ова е нивна битка“, рече Кери, посочувајќи дека со состојбата првенствено треба да се справат ирачките безбедносни сили. „Но, ќе им помогнеме во нивната битка. Ќе направиме се‘ што е можно за да им помогнеме“, додаде Кери.

Дел од американските сенатори бараат реакција од американскиот претседател Барак Обама.

„Иако Ирачаните се одговорни за оваа стратегиска катастрофа, и нашата администрација не може да избегне дел од вината. Кога претседателот Барак Обама ги повлече сите американски сили од Ирак, спротивно на мислењето на военото раководство и офицерите на теренот, многумина предвидувавме дека вакуумот ќе биде исполнет од страна на непријателите на Америка и тоа на штета на нашите национални интереси. За жал, тоа и се случи“, изјавија сенаторите Џон Меккејн и Линдзи Греем во заедничка порака упатена до претседателот.

kerry usa außenminister
Кери ветува дека САД ќе направат се‘ што можат за враќање на ФалуџаФотографија: picture-alliance/dpa

Од петокот, групи поврзани со Ал Каеда го држат овој голем град во централен Ирак и ги развеаја црните исламистички знамиња над центарот на градот. Ирачката армија се обидува да ја преземе Фалуџа од исламистите, но засега главно ги гранатира нивните позиции со минофрлачи.

Иако САД веќе не се воено ангажирани во Ирак, губењето на Фалуџа од страна на ирачката армија е исклучително болен удар за САД. Неколку кампањи на претседателот Џорџ Буш за сузбивање на сунитските исламистички групи во Ирак беа насочени токму во овој град. Во 2004 година исламистите кои дејствуваа од Фалуџа киднапираа и убија четворица Американци, вработени во приватната компанија за обезбедување „Блеквотер“, потоа влечејќи ги нивните тела по улиците на градот и бесејќи ги на мост. Во неколку тешки воени операции САД загубија стотина борци, но сепак на крајот градот со 300.000 жители беше ставен под контрола. Оттаму, веста дека Фалуџа повторно е во рацете на исламисти силно одекна во САД.

„Илјадници храбри Американци се бореа, крвареа и загубија соборци за да им донесат мир на Фалуџа и на Ирак, и сега останува да се прашуваме – дали нивните жртви беа залудни?“, пишува во писмото на сенаторите Меккејн и Греем.