1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД повторно ја откриваат Европа

Михаел Книге; Превод: Елизабета М. Фиданоска4 февруари 2013

САД повторно ја третираат Европа како свој најважен партнер во светот и бараат потесна соработка. Тоа е добрата вест од Минхенската конференција, оценува во својот коментар Михаел Книге.

https://p.dw.com/p/17XUq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европејците беа на маки. Тие во минатото постојано мораа да слушаат колку се нефлексибилни, неединствени и со тоа стануваат се‘ понерелевантен сојузник за Вашингтон. Американскиот потпретседател Џо Бајден пред четири години, на пример, не ја зеде Минхенската безбедносна конференција, која важи за најважен неофицијален трансатлантски самит, како повод за иницијатива за продлабочување и проширување на европско-американските односи, туку најави ново структурирање на односите меѓу Вашингтон и Москва. Европа, според раната и јасна порака на владата на Обама, веќе не е партнер во светот што САД автоматски го претпочитаат. Ваквиот став беше повеќе пати потврдуван за време на првиот мандат на Обама. Тоа најмногу дојде до израз со преориентирањето на американската надворешна и безбедносна политика кон Азија.

Вицепретседателот Бајден во Минхен сега ја окарактеризира САД како пацифичка и атлантска сила. Се‘ друго, со оглед на растечкото значење на азиско-пацифичкиот регион, би било кусогледо и изненадувачки. Истовремено, меѓутоа, што беше и новина, Бајден ги истакна и односите со Европа - Европејците се првиот и најблизок сојузник на САД по сите глобални прашања. Европа, според американскиот вицепретседател, е еден од носечките столбови за американскиот ангажман во светот. Европејците и Американците, на пример, би требало заедно, наместо еден против друг или еден покрај друг, да ги застапуваат интересите во Азија.

Повеќе од вообичаени флоскули

Од тоа може да се заклучи дека Американците сакаат да стават малку балзам на ранетата душа на Европејците. Европа бара признание од страна на Вашингтон поради тоа што, не без право, така го гради својот глобален статус. Но, против такво нешто говорат две причини. Прво, Американците во минатото јасно зборуваа за, според нивно мислење, дефицитите на Европејците, без  притоа да имаат обѕири кон чувствителноста на партнерот. Второ, Бајден претстави и конкретна иницијатива со барање за трансатлантски договор за слободна трговија, за што Вашингтон зад кулисите веќе разговараше со Европејците.

Deutsche Welle Englisch Michael Knigge
Михаел Книге, автор на коментаротФотографија: DW

Значи - што е причина за менувањето на ставот на администрацијата на Обама? Тешко дека Обама на почетокот на вториот мандат одеднаш доживеал емоционална промена во однос на Европејците. Поверојатно е дека американската влада сега е целосно свесна за вистинското значење на Европа за добото на сопствената земја. Азија и Кина се важни за САД и стануваат се‘ поважни, но Европа како најголем економски простор на светот за Вашингтон, барем во моментов, е уште поважна. Тоа на Американците им стана сосема јасно со европската финансиска и должничка криза, чии последици директно се одразија на американската економија која е тесно поврзана со Европа.

Иронично - благодарение на европската должничка криза трансатлантскиот однос, по долги години стагнација, доживува нов полет. Тоа што Бајден го нагласува значењето на американско-европските односи и што предлага конкретизација преку трансатлантски договор за слободна трговија е многу повеќе од вообичаени учтиви флоскули. Но, тоа нема да оди само по себе. Повторното откривање на Европа од страна на САД е добра вест за Европа. Европа треба прво да се радува на тоа и потоа да покаже дека Бајден има право.