1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД предупредуваат на „црвени линии“ во конфликтот со Иран

9 јануари 2012

САД испратија невообичаено јасно предупредување до раководството на Иран. Ахмадинеџад пак ја почна турнејата по Латинска Америка во обид да ги амортизира ефектите на санкциите на Западот против Техеран.

https://p.dw.com/p/13gGu
Фотографија: AP Graphics

Техеран преминува „црвена линија“ доколку создава атомско оружје и блокира важен поморски пат како Ормускиот теснец, изјави американскиот министер за одбрана Леон Панета. Иранското раководство претходно објави пуштање во употреба нова атомска постројка во близина на градот Ком. Освен тоа, најавени се нови воени маневри во Ормускиот теснец, со чија блокада исламската република повеќепати се заканува.

Ахмадинеџад по поддршка кај своите сојузници

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад пак во екот на конфликтот со Западот околу атомската програма, пристигна во посета на својот сојузник Хуго Чавез во Венецуела. Двајцата шефови на држави демонстративно ја истакнуваат својата соработка.

По средбата со венецуелскиот претседател Хуго Чавез, Ахмадинеџад ќе отпатува за Никарагва, а неговата посета на јужноамериканскиот континент предвидува уште престои на Куба и Еквадор. Целта на турнејата на иранскиот претседател е зацврстување на врските со споменатите четири земји од Латинска Америка во моментите кога западните земји го зајакнуваат притисокот врз Иран за да се откаже од неговата контроверзна нуклеарна програма.

Ahmadinedschad zu Besuch in Venezuela
Ахмадинеџад во ВенецуелаФотографија: dapd

Чавез во неделата во изјава за државната телевизија којашто ја даде непосредно пред доаѓањето на Ахмадинеџад во Каракас, го обвини Вашингтон дека измислиле наводен заговор меѓу Иран и Венецуела, Куба и Никарагва околу напад врз САД.

Во придружба на иранскиот претседател се и министрите за надворешни работи, стопанство, индустрија и трговија и за енергетика.

Автор: ЖА/ AT/ дв/ макфакс

Редактор: Борис Георгиевски