1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД само навивачи за решение, спорот за името во раце на Германија?

ЕМФ/миа26 ноември 2013

САД остануваат активни поддржувачи на решението на спорот за името, но останува Македонија и Грција да решат што е прифатливо за нив, изјави Џонатан Мур, директор во канцеларијата за Балкан во Стејт департментот.

https://p.dw.com/p/1AOeH
Фотографија: Reuters

Џонатан Мур во Вашингтон учествуваше на подолга дебата за иднината на интеграциите на балканските земји која се одржа во фондацијата Карнеги. Тој за Македонија и спорот со името, рече:

„Ја имаме ситуацијата во Македонија, на која се осврна и заменикот државен секретар Викторија Нуланд. Ние се уште силно го поддржувамe процесот на Метју Нимиц кој трае навистина многу долго. Навиваме за да се изнајде договор, и апсолутно би сакале да видиме решение за спорот за името меѓу Атина и Скопје, но мораме да заклучиме дека само двете страни можат да решат што е соодветно за едната или за другата страна. Можностите пред Македонија се големи, да се придвижи кон Европската Унија и зависно од тоа какви се правните норми, да може да стане членка на НАТО речиси веднаш штом се најде решение за прашањето на името. Тоа би требало да ги мотивира политичките водачи во Македонија да сторат што може да се изнајде решение, а во исто време, треба да се работи и во Грција“, ја пренесува агенцијата МИА изјавата на Џонатан Мур.

На расправата во фондацијата Карнеги повеќемина учесници ја истакнаа новата, зголемена улога на Германија во Европа:

„Улогата на Германија е многу значајна и многу јасна. Добро е, на пример, новиот албански министер за надворешни работи Дитмир Бушати што патува во Германија да се консултира, или тоа што амбасадорот Метју Нимиц ја брифираше канцеларката Меркел. Исклучително е важно што се случува ова, и не само во Берлин, туку и во другите главни градови во Европа. Мислам дека е прерано да се каже дека улогата на Германија се менува. Германија секогаш покажуваше одреден интерес“, изјави директорот во канцеларијата за Балкан во американскиот Стејт департмент.

Џонатан Мур на прашањето дали САД не може да изврши притисок во НАТО, институцијата во која има далеку поголемо влијание во споредба со Европската унија, за Македонија, или, доколку нема согласност со Грција, барем за Црна Гора, одговори:

„Несомнено е дека САД се посветени на проширување на НАТО. Воедно, не сакам да ви ја навредам интелигенцијата, сите знаеме дека НАТО работи според принципот на консензус и мора да дискутира што ќе биде агендата за следниот самит во Велс, во септември следната година. Веќе имаше некои дискусии на државите членки и со секретарот Расмусен. Нема сомнеж дека вратата останува отворена за членство. Но, во овој момент во Алијансата нема консензус дека следниот самит ќе биде самит на проширување“, изјави Мур.

Victoria Nuland
Новиот американски помошник државен секретар за Европа, Викторија Нуланд, на Македонија и Грција им порача: Само вие можете да донесете одлукаФотографија: AP

Курт Басингер, експерт за Балканот, додаде дека нема укажувања дека Германија го користи своето влијание врз Грција да се реши спорот околу името:

„За Македонија се‘ се сведува на Германците и вистинското прашање е што Ангела Меркел им кажува на Грците. Ако ова стане прашање во кое Берлин би го употребил своето влијание, да станат по-кооперативни, тоа би успеало. Но, немам докази дека тоа се случува, изјави Басингер.

Зборувајќи за состојбите на Балканот, како тие се споредуваат со светските проблеми и намалувањето на директниот американски ангажман во регионот, Мајкл Халтзел, професор на универзитетот Џонс Хопкинс, истакна дека Балканот веќе, во најдобар случај, е регион од второстепен интерес.

„По 11 септември, во свет во кој Иран работи на нуклеарно оружје, со Палестинско-израелското прашање и се‘ друго, навистина на Западниот Балкан мораме да гледаме како прашање од втор или трет степен за САД, и не гледам дека некој политичар тука целосно ќе се ангажира на Балканот“, оцени Халтзел.