1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се бранат од обвинувањата: сите држави шпионираат

Б. Георгиевски/ртр1 јули 2013

Американскиот државен секретар Џон Кери ги отфрли обвинувањата дека неговата држава ги преминала сите граници шпионирајќи ги своите сојузници од Европската унија, индиректно признавајќи го скандалот

https://p.dw.com/p/18zjw
Фотографија: picture alliance / dpa

Кери (на фотографијата) е првиот американски функционер кој го коментираше скандалот со шпионирањето на институциите на ЕУ, како и на одделни држави, меѓу кои, најпогодена е Германија. Аферата ја отвори магазинот Шпигл каде беше објавено дека само во Германија месечно биле пресретнувани околу половина милијарда телефонски разговори, електронска пошта и СМС пораки. Уреди за прислушкување и следење податоци биле поставени дури и во институциите на ЕУ во Брисел. Шпионирани биле речиси сите дипломатски претставништва во седиштето на Унијата, како и претставништвата на ЕУ во САД.

„Би рекол дека секоја земја во светот која е учесник во меѓународните односи и се грижи за својата национална безбедност презема многу активности за да ја заштити својата безбедност, а информациите придонесуваат кон тоа. Се што знам е дека тоа не е невообичаено за многу земји“, рече Кери.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо нареди целосна истрага и безбедносна контрола на зградите на институциите во Брисел. Францускиот претседател Франсоа Оланд го нарече шпионирањето „неприфатливо“ и оцени дека тоа би можело да ги наруши односите меѓу САД и ЕУ и Франција. „Бараме ова веднаш да престане“, изјави Оланд.

Како и кај другите случаи, кои претходно беа обелоденети, и во овој случај информациите околу скандалот со шпионирањето потекнуваат од поранешниот американски агент, Едвард Сноуден, кој се уште престојува во меѓузоната на аеродромот Шереметјево во Москва.

Германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер оцени дека скандалот со прислушкувањето потсетува на Студената војна. „Незамисливо е дека нашите пријатели во САД ја сметаат Европа за непријател“, рече министерката.

Кандидатот за канцелар на опозициските германски социјалдемократи Пер Штајнбрик побара од ЕУ и од Европскиот парламент да се стопираат преговорите за договорот за слободна трговија со САД додека не се расчисти случајот.