1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се подготвуваат за удар на ураганот Ајрин

26 август 2011

Ураганот Ајрин со голема брзина се приближува кон источниот брег на САД. Претседателот Барак Обама веќе прогласи вонредна состојба во сојузната држава Северна Каролина.

https://p.dw.com/p/12Nwi
Фотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама прогласи ноќеска вонредна состојба во Северна Каролина поради приближувањето на ураганот Ајрин кој се предвидува да го погоди брегот на САД во текот на викендот.

Сојузната држава Северна Каролина ќе биде првата која ќе биде на удар на ураганот. Обама најави дека ќе побара федерална помош, доколку биде неопходно. Тоа значи дека Федералната агенција за вонредни состојби може да ги координира сите напори на подготовка и соочување со последиците од ураганот. Погодените држави може да се пријават за сојузни фондови наменети за расчистување и други потреби.

Ураганот Ајрин забрзано се приближува до американскиот источен брег каде може да зафати подрачје каде живеат околу 65 милиони луѓе, меѓу другото и градовите Вашингтон, Балтимор, Филаделфија, Њујорк и Бостон.

Автор: ТТ/ АТ/ миа

Редактор: Е.М. Фиданоска