1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД сметаат дека му се ближи крајот на режимот на Асад

СН/БГ/ртр/дпа/афп/миа/мф19 јули 2012

Смртоносниот напад врз тројцата блиски соработници на сирискиот претседател, според САД, го означуваат почетокот на крајот на режимот на Башар ал-Асад.

https://p.dw.com/p/15ahy
Фотографија: picture alliance/dpa

САД сметаат дека режимот на претседателот Башар ал-Асад губи контрола во Сирија, по најновиот напад во кој загинаа неколкумина високи претставници на властите во Дамаск. САД и голем број други држави го осудија самоубиствениот бомбашки напад, но укажаа дека тоа е сигнал дека режимот на Асад очигледно ја губи контролата во Сирија.

„Има многумина Сиријци кои во минатото го поддржуваа режимот, но сега за нив Асад е проблем, а не решение. Финансиските тешкотии на режимот на Асад продолжуваат. Тој губи контрола. За Сиријците и за меѓународната заедница е време да помислат што ќе се случи по тој режим“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Томи Вајетер.

„Ние работиме засилено со нашите меѓународни партнери, за да постигнеме согласност за политичка транзиција во Сирија.Колку побрзо се изврши тоа, толку повеќе шанси ќе имаме да спречиме крвава граѓанска војна“, истакна тој.

Во вчерашниот самоубиствен напад во Дамаск загинаа и шурата на претседателот Асад, заменик - министерот за одбрана Асеф Шаукат, како и министерот за одбрана Даут Раџеха и неговиот претходник на функцијата Туркомани. Одговорноста за нападот ја презеде бунтовничката „Слободна сириска армија“. По нападот Советот за безбедност на ОН за денеска (19.07) го одложи гласањето за резолуцијата за Сирија. Русија меѓутоа и натаму ја отфрла можноста за воспоставување санкции против режимот на Асад. Приближување на ставовите не било постигнато ни по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Владимир Путин.