1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД со скепса ги дочека најавите на Иран

4 февруари 2010

Иако Техеран сигнализира отстапки во атомскиот спор, САД нема да го прекинат надградувањето на системот за ракетна одбрана во Персискиот залив, за да може да се спречи евентуален напад од Иран.

https://p.dw.com/p/LqJI
Фотографија: AP Graphics

Најострата закана во неодамнешниот говор за состојбата на нацијата на претседателот Барак Обама беше на адресата на Техеран: „Политичкото раководство на Иран и натаму не ги почитува сите меѓународни обврски и затоа нема сомневање: Техеран ќе биде конфронтиран со поостри консеквенции.“

Вашингтон бара факти

Пораката на Обама се чини, во меѓувреме, пристигна до Техеран. Претседателот Ахмадинеџад преку државната телевизија најави отстапки во атомскиот спорт. Но, Вашингтон сака да види факти, а не повторно празни ветувања. „Владата на Иран го крши меѓународното право, кое мора да го почитуваат сите држави.“

Obama / USA / Rede an die Nation
Претседателот на САД Барак ОбамаФотографија: AP

Техеран ја игнорираше наредбата на ОН, со тоа што дозволи во подземните тунели и бункери и натаму да се работи на атомска бомба, му префрлува владата на Обама на иранското раковдство.

Покрај другото, предлогот на Обама беше Техеран да транспортира 1.200 килограми уран на облагородување за цивилни цели во Франција и Русија. За да преговараат за оваа цел, Американците минатата година ја укинаа речиси тридецениската блокада на меѓусебните контакти и повторно седнаа со Иран на преговарачка маса. Попусто.

Сите опции се на маса

George W. Bush mit General David Patraeus
Генералот Петреус со поранешниот американски претседател Џорџ БушФотографија: AP

Врховниот командант на американските сили во Заливот, Дејвид Петреус вели: „Претседателот, министерот за одбрана и јас лично, сме единствени во ставот: сите опции се на маса.“

„Со сигурност воената интервенција е една од нив“, дополнува адмирал Мајк Мален.

Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс, пак, нагласува: „Дури и ако се остави на страна иранското атомско вооружување, високата вооруженост со конвенционално оружје е доволна причина за загриженост.“

Во меѓувреме, во американското министерство за одбрана владее и убедувањето дека Иран ги разбира само острите зборови.

Санкции да или не?

Според информации на Њујорк Тајмс, САД ги надградуваат системите за противракетна одбрана во Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт и и’ помагаат на Саудиска Арабија во обуката на 30 илјадна војска за заштита на нафтоводите.„Конечно, атомското вооружување на Иран му се заканува на регионот и на целиот свет,“ вели американскиoт претседател Барак Обама, кој е возенемирен поради тоа што изминатиот викенд американските тестови за ракетна одбрана од Иран се покажаа како неуспешни. Сега тој сака да го погоди срцето на иранскиот систем. На земјата и‘ недостасува технологија за рафинерии поради што зависи од увозот на нафта, кој може да биде погоден со нови санкции. Досега санкциите му штетеа на иранскиот народ, заклучуваат критички американските медиуми.

Forschungsreaktor in Teheran
Реактор за нуклеарни истражувања во ТехеранФотографија: AP

Но, Обама се придржува до санкциите против Иран, знаејќи дека ни Русија, ниту Кина, немаат сериозни интереси за тоа. Владата на Обама затоа ќе се потпре на европските сојузници, смета познатиот американски политиколог Роберт Кејган: „Само САД и Европската унија се одлучни да извршат голем економски притисок врз Иран“. Притоа, Вашингтон радо премолучува дека голем број американски фирми тајно тргуваат со Иран и тоа преку заобилеколен пат, преку Дубаи.

Автор: Ралф Зина / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска