1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

011110 USA UNESCO

1 ноември 2011

САД престанаа да плаќаат придонеси во буџетот на УНЕСКО поради одлуката за прием на Палестинците во полноправно членство. Палестинците пак ова го сметаат за важен чекор кон нивната цел-сопствена држава.

https://p.dw.com/p/132jA
УНЕСКО ќе остане без петтина од буџетотФотографија: picture-alliance/dpa

САД јасно го осудија приемот на Палестинците во УНЕСКО. Портпаролот на министерството за надворешни работи, Викторија Нуланд:

„Приемот на Палестина е за жалење, тоа ги поткопува нашите заеднички стремежи за мир на Блискиот Исток“.

САД, уверува Нуланд, и натаму сакаат независна и суверена Палестина, но само врз основа на директни преговори со Израел, не на мала врата. Тоа би значело-не преку постепено признание на Палестина преку ОН. Во тоа спаѓа и УНЕСКО, каде за разлика од Советот за безбедност, САД не располагаат со право на вето.

„Приемот на Палестинците води до активирање на одамна постојните закони, кои велат дека сега САД не смеат да плаќаат на УНЕСКО“, истакнува Нуланд.

А американскиот удел изнесува 22 проценти, една петтина од буџетот на УНЕСКО, болен удар за организацијата на ОН за образование, наука и култура. Но, и американската влада не е особено среќна поради тоа. Зашто, ако САД не уплаќаат придонеси, тоа среднорочно има последици и врз нивното влијание во УНЕСКО. Ако Палестинците бидат примени и во други организации на ОН, САД ќе треба да престанат и со тамошните уплати. Ни малку розови изгледи, смета Викторија Нуланд:

UNESCO
Одлуката донесена во Париз на генералната конференцијаФотографија: picture-alliance/dpa

„Ако не плаќаме во овие организации, ќе се скрати нашето влијание, ќе страдаат нашите интереси. Мораме да разговараме со Конгресот како да ги заштитиме“.

На почетокот на октомври американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон апелираше до Конгресот да и‘ дозволи поголема флексибилност на владата на Обама, за самата да решава за кои организации кои ќе ја прифатат Палестина како држава, ќе ја затвори славината. Републиканците се оглушија на ова барање.

Израелците се закануваат

Израел исто така жестоко реагираше на приемот на Палестинците во УНЕСКО. Портпаролот на министерството за надворешни работи Јигар Палмор ги обвини Палестинците дека очигледно не се повеќе заинтересирани за мировни преговори:

„Овој последен едностран маневар не води никаде, Палестинците повторно постигнаа автогол и ние исто така ќе ја испитаме нашата соработка со УНЕСКО“.

Палестинците слават

Во палестинските области пак, одушевување. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас изјави дека одлуката од Париз е „победа на правото, правдата и слободата“.

Mahmoud Abbas Europaparlament 6.10.2011
Махмуд Абас во ОНФотографија: dapd

Неговиот портпарол Гасан Катиб изјави:

„Ова е многу важно во рамките на напорите на признавање палестинска држава“.

Палестинскиот филозоф и политички советник Џорџ Гиасман смета дека одлуката на УНЕСКО има и друго значење:

„Ова е морална победа без политички последици. Се разбира дека Палестина нема да биде ослободена, но ќе се најде на картата на светот, а  најважно е што тој чекор ги подели Европејците и САД“. Одлуката на УНЕСКО ја поздравија и претставниците на Хамас во Појасот Газа.

Автор: Ана Енгелке/Бетина Маркс/Ж. Ацеска

Редактор: Симе Недевски

                                                                                                           *