1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ја координираат помошта за Хаити

16 јануари 2010

Полека излегуваат на виделина вистинските размери на катастрофата која го погоди карипскиот остров Хаити. Властите соопштија дека бројот на жртвите од земјотресот најверојатно ќе се искачи и до 200 илјади луѓе.

https://p.dw.com/p/LXXs
Повреден од земјотресот во ХаитиФотографија: AP

„Досега се пронајдени телата на 50 илјади загинати. Според нашите проценки конечната бројка на настрадани ќе биде меѓу 100 и 200 илјади луѓе, иако вистинската бројка нема никогаш да се дознае“, изјави за агенцијата Ројтерс министерот за внатрешни работи на Хаити, Пол Антоан Бјен Еме. Според тамошните власти, досега во масовни гробници се закопани близу 40 илјади луѓе.

Катастрофата која го погоди Хаити ја продлабочува и хаосот кој владее во земјата деновиве. По улиците на главниот град се’ уште лежат стотици тела на загинати, од затворите избегаа илјадници затвореници, а градовите станаа плен на крадци и криминалци.

Контролата на аеродромот во Порт-о-Пренс им е препуштена на САД

Haiti / Erdbeben / Port-au-Prince
Порт-о-Пренс по земјотресотФотографија: AP

Владата на Хаити е сместена во барака на поранешна полициска станица во близина на аеродромот во Порт-о-Пренс и оттаму се обидува да ја контролира состојбата, но тоа се чини како невозможна мисија, имајќи предвид дека и во нормални околности во државата, тоа не и поаѓаше од рака.

Контролата на аеродромот во главниот град, пак, од вчера со посебен договор, им е препуштена на САД, кои во земјата испратија 3.500 маринци. Тие се веќе ангажирани на расчистување на урнатините и распределба на помошта за илјадниците настрадани.

Според министерот за здравство, три четвртини од градот ќе мораат да бидат повторно изградени, затоа што поголемиот дел се срамнети со земја, а останатите не се безбедни за живеење.

Недостасуваат основни средства за лекарска помош

Најмалку осум болници и здравствени центри во Порт-о-Пренс се целосно урнати или оштетени до таа мерка што во нив е невозможно да се пружа медицинска помош. Лекарите немаат основни средства за лекување. „Немаме хируршки ракавици, антибиотици, антисептици, средства за дезинфекција... немаме ниту вода“, вели еден лекар.

Апел за помош

Haiti / Erdbeben / Verletzter
Повреден од земјотресотФотографија: AP

Во земјата денеска е најавено пристигнувањето на американскиот државен секретар Хилари Клинтон, а утре се очекува и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Тој доцна синоќа апелираше за поголема помош за разурнатата земја. „Денеска ќе побараме итна помош од 550 милиони долари. Најголемиот дел од овие пари ќе се потрошат за итни потреби. Храната и водата се на критично ниско ниво. Со оглед на бројот на луѓето на улиците и без домови мораме итно да обезбедиме покрив над главата. Ни требаат шатори и тоа многу шатори“, апелираше Бан Ки Мун.

За обезбедување донации за Хаити во иднина ќе се грижат и двајцата поранешни американски претседатели, Џорџ Буш и Бил Клинтон.

Автор: БГ/АТ/афп/бета/ројтерс