1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ја кратат помошта за Македонија

27 јули 2011

Комитетот за надворешни работи на американскиот Конгрес го изгласа документот во кој Македонија е заменета со ФИРОМ и со кој се бара условување на американската помош за земјата.

https://p.dw.com/p/124sx
За конечната верзија на документот, треба да гласа целиот КонгресФотографија: AP

Утре (28.07.11) во комитет во Конгресот ќе се расправа и за намалување на помошта за Македонија.

Обединетата македонската дијаспора смета дека, иако текстот помина на ниво на комитет, тој нема да биде изгласан како закон на седница на Конгресот. Претставниците од оваа организација со соопштение информираат дека работат на отстранување на ознаката „ФИРОМ“ од текстот.

Помалку пари за Македонија од 2012

Утре уште еден документ за американската помош треба да се најде пред членовите на друг комитет. Со него се предвидува кратење на американската помош за следната година за помалку од десет милиони американски долари, споредено со помошта предвидена за оваа година. Пред две години била побарана помош од речиси 28 милиони долари, за оваа година била зголемена на повеќе од 29 милиони, за веќе за следната да се планира драстично кратење, на севкупно 19 милиони долари.

Dossier US-Kongresswahlen Bild1
Нејасно е дали се менуваат приоритетите на американската политика, или се кратат средства поради должничката кризаФотографија: picture-alliance/dpa

Парите се наменети за помош на Македонија за продолжување на развојот кон целосна интеграција во евро - атлантските структури, како и помагање на владата преку економски и демократски реформи да изгради стабилност и просперитет. Така, со тие пари треба да се реформира судскиот систем и да му се засили способноста за борба со транснационален криминал, а дел од средствата ќе бидат наменети и за борба со тероризмот, подигнување на професионалните стандарди во полицијата и војската, како и за образованието.

Амбасадата во Скопје не коментира неизгласани закони

Дојче веле праша во американската амбасада во Скопје зошто се крати помошта. „Не коментираме активности на Конгресот или закони во постапка. Секаков вид на закон може да биде поднесен од соодветен комитет, но сепак треба одобрување од целиот дом за да биде изгласан“, гласи одговорот од Амбасадата. Оттука е нејасно дали кратењето на средствата се врзува со должничката криза што ги зафати САД или со промена на приоритетите во политиката на Вашингтон.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска