1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ја симнаа Русија од тронот

БГ/макфакс17 мај 2013

Познати се полуфиналистите на Светското првенство во хокеј на мраз кое се игра во Шведска. Најголемо изненадување е пласманот на Швајцарија, додека САД им одржаа лекција на актуелните светски прваци - Русија.

https://p.dw.com/p/18Zhx
Фотографија: Reuters

Репрезентациите на Финска, Шведска, Швајцарија и САД ќе играат во полуфиналето на Светското првенство во хокеј на мраз. САД забележаа убедлива победа над бранителот на титулата - репрезентацијата на Русија. Американците во четвртфиналето ја декласираа Русија со 8:3. САД во полуфиналето ќе играат против Швајцарија, најголемото изненадување во досегашниот тек од првенството. Швајцарија за пласман меѓу најдобрите четири селекции ја совлада Чешка со 2:1. Финска испушти предност од три гола против Словачка, но на крајот успеа да победи со 4:3 и да се избори за полуфинален меч со Шведска. Швеѓаните во драматичен меч ја совладаа Канада дури по изведувањето на пенали со 3:2.

Полуфиналните мечеви ќе се одиграат во Стокхолм на 18.мај, од 15 часот ќе играат Шведска и Финска, а од 18 часот ќе започне мечот меѓу Швајцарија и САД. На 19.мај во 16 часот ќе стартува натпреварот за третото место, додека големото финале ќе се одигра со почеток во 20:30 часот.