1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саем во Лас Вегас: HD-то беше вчера

Ролф Венкел/Борис Георгиевски8 јануари 2013

Од денеска посетителите на Саемот на електроника во Лас Вегас можат да уживаат во новитетите во оваа индустрија. Во центарот на вниманието се „паметните“ телефони и автомобилите.

https://p.dw.com/p/17Fms
Фотографија: AP

Саемот во Лас Вегас со години е најголемата манифестација од овој вид во светот позната и под кратенката CES (Consumer Electronic Show). Околу три илјади изложувачи се надеваат дека ќе привлечат најмалку 150 илјади посетители. Со рекордната саемска површина од 170 илјади метри квадратни, ЦЕС годинава е помал од ЦеБит во Хановер, но поголем од меѓународната изложба на телекомуникациски техники ИФА во Берлин. Во Лас Вегас се најавени 20 илјади новитети, што значи дека тој повторно станува саем на суперлативи. И покрај тоа, меѓу изложувачите нема да има имиња како Гугл, Амазон или Мајкрософт, додека Епл и онака никогаш не учествувал на овој саем. Но, Мајкрософт со години беше една од главните атракции, а претставниците на оваа фирма постојано одржуваа поздравни говори при отворањето. Но, „по 15 години Мајкрософт на многумина им здодеа да го посетуваат штандот на оваа фирма“, вели Фолкер Зота, главен уредник на компјутерското списание „ct“.

Мајкрософт и онака никогаш не бил вистински изложувач на саемите на потрошувачка електроника, вели Зота и додава дека фирмата ни годинава нема да има ништо ново да претстави. Сепак, новиот оперативен систем на Мајкрософт, Виндоус 8 ќе биде присутен на речиси сите компјутери и таблети кои ќе бидат прикажани на саемот.

Sony Electronics stellt Xperia Z in Las Vegas vor
Фотографија: AP

Симбол на пресвртот

Една од главните ѕвезди на саемот годинава е Пол Џејкобс, шеф на калифорнискиот произведувач на чипови Квалком. Тој не е така познат како Интел или Мајкрософт, но претставува симбол на пресвртот кој во моментов се случува во браншата: чиповите кои ги произведува Квалком се вградуваат во „паметните“ телефони и таблетите. Оваа фирма профитираше од брзиот развој на мобилните телефони и стана една од омилените на берзата, бидејќи големите концерни предоцна тргнаа на тој пат.

Нема сомнение дека таблетите и паметните телефони ќе бидат главни ѕвезди и на овој саем. Таблетите станаа побрзи и поефтини, вели Зота, објаснувајќи дека причината за таквиот тренд се се’ поголемиот број производители. Иако т.н. смартфоунс ќе бидат изложени и неколку недели подоцна на саемот во Барселона, речиси и да нема производител кој на почетокот на годината нема да претстави најмалку два до три нови модели. Кога станува збор за паметните телефони, трендот се движи кон поголеми екрани и тоа со HD резолуција каква што имаат и новите модели на телевизори, подобри камери и ткн. квод процесори, вели Зота.

HD? Па тоа беше вчера

И на производителите на телевизори им беше важно во Лас Вегас да земат залет за 2013. Откако ни претставија телевозири со тродимензионална слика и интернет приклучок, сега ни максималниот HD повеќе не е доволен.

„Тоа е голема тема на овој саем. 4k или ултра HD ќе има хоризонтална резолуција од 4.000 пиксели“, вели Зота. Сепак, тоа нема многу да им значи на нормалните корисници затоа што разликата меѓу нормалниот и ултра HD не е забележлива за човечкото око.

2012 INTERNATIONAL CES IN LAS VEGAS
Фотографија: picture alliance / dpa

Интересни новитети на саемот нуди и автомобилската индустрија. Ауди, Крајслер, Форд, Хјундаи и многу други на саемот ќе ги претстават своите системи за електронски „ентертејнмент“ во автомобилите. Волво ќе го претстави својот музички систем „Спотифај“ а во иднина планира да го користи и „клауд сервисот“ (надворешна меморија) на фирмата Ериксон кој на возачите ќе им нуди на располагање апликации, забава, информации и навигација. БМВ, пак, своите автомобили ги опремува со системот за мобилна телефонија „Конектед драјв“, кој препознава глас и е во состојба преку гласовни команди да испраќа СМС пораки и електронска пошта.