1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сакашвили: демократ или диктатор?

Rabitz, Cornelia8 јануари 2008

Михаил Сакашвили ги доби претседателските избори во Грузија. Посматрачите на ОБСЕ се изјаснија за чисти избори. Меѓутоа, и покрај се’, Сакашвили не може неограничено да се радува, коментира Коренлија Рабиц.

https://p.dw.com/p/ClM6
Грузискиот претседател Сакашвили има доволно причи да се затскриваФотографија: AP

Засега сметката на Сакашвили се исполни. Во своја полза ги реши предвремните претседателски избори. Мнозинството Грузијци му искажаа доверба и го потврдија на таа функција. Посматрачите на ОБСЕ удрија добар печат врз изборите, оценувајќи ги како правно-важечки.

Сепак, Сакашвили е неговите приврзеници не би требало прерано да се радуваат. Не може да се превиди фактот дека некогашниот јунак на „револуцијата на розите„ кој пред 4 години беше избран со повеќе од деведест проценти, сега доби жолт картон. Многумина во него видоа само помало зло, други пак, воопшто не гласаа. Неговиот имиџ како храбар, демократски реформатор е и останува нарушен. Подолго време се критикува неговиот авторитарен политички стил, му се префрла за непотизам, политичка нетранспарентност и растечка поделба на грузиското општество на сиромашни и богати. Сега треба да се види какови заклучоци ќе извлече од изборните резултати. Грузиската опозиција, иако поделена и без интегративна или харизматична водечка личност, сепак во последните недели покажа дека е витална. Не ќе може едноствано да биде замолчана. Ги има сите причини да се сомнева во фер изборна битка: кампањата беше екстремно куса, а државните медиуми на опозиционерите одвај да им дадоа простор. Освен тоа, Сакашвили, по протестите во ноември, прогласи вонредна состојба, полицијата масовно ги атакуваше демонстрантите, една независна телевизиска станица беше нападната од полицијаци во тек на жива емисија. Сето тоа предизвика грди слики кои не останаа незабележани во светот. Сакашвили во иднина ќе биде оценуван според тоа како ќе постапува кон критичките гласови и дали на своите сограѓани има да им понуди повеќе од националистичка реторика. Може да се констатира дека Грузија е се уште далеку од тоа да биде демократска правна држава со развиена политичка култура. Земјите пријатели треба и натаму ситуацијата да ја посматраат мошне критички. Истовремено на Грузија и е потребна поддршката од Запад. Колку сакаат луѓето да припаѓаат таму, и да бидат вклучени во тамошните институции, покажува еден друг резултат од синоќа: големото мнозинство се изјаснија за членство на Грузија во НАТО. На крајот: предвремените избори оставаат зад себе повеќе ослабен, отколку засилен претседател. Грузија се движи кон немирни времиња.
Корнелија Рабиц