1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сакашвили под притисок

М. Остапчук / А. Оганџанјан / Е.М. Фиданоска1 октомври 2012

Во Грузија денеска се одржуваат парламентарни избори. И власта и опозицијата имаа валкана кампања, зашто парламентот во иднина ќе решава за тоа кој ќе владее со земјата. Претседателот губи моќ.

https://p.dw.com/p/16HuA
Фотографија: dapd

Грузиската опозиција се жали дека е под се‘ поголем притисок на државниот апарат. Околу 20 активисти се осудени на казни затвор поради конструирани обвиненија за навреда на службени лица, соопштија пред неколку дена опозиционерите. Сојузот „Грузиски сон“ исто така соопшти и дека приврзеници на претседателот Михаил Сакашвили нападнале одделни опозиционери. „Грузиски сон“ беше основан на почетокот на годината од страна на милијардерот Бидзина Иванишвили. Сојузот го обвинува Сакашвили дека авторитарно ја води земјата.

Сакашвили ги отфрла сите обвиненија и вели дека „Грузиски сон“ всушност е „руски проект“. Опозицијата има намера со мафијашки методи да ја втурне Грузија повторно во советска диктатура, изјави претседателот. Иванишвили, кој во Русија стана богат со трговија со метал и бизнис со недвижности, наспроти тоа, нагласува дека сака да ја води и натаму земјата по нејзиниот прозападен курс. Тој го обвинува Сакашвили дека со својата агресивна политика кон Москва ја втурнал Грузија во безизгледна војна во 2008-та година. Земјата тогаш дефинитивно ја загубила контролата над своите сепаратистички региони Абхазија и Јужна Осетија.

Georgien Parlamentswahl 2012 Tbilisi Bidzina Ivanishvili
Mилијардерот и лидер на опозицијата Бидзина ИванишвилиФотографија: dapd

Целата предизборна кампања за парламентарните избори беше исполнета со меѓусебни обвинувања. Сепак, најголем притисок врз Сакашвили беше извршен со демонстрациите предизвикани од снимка на грузиската телевизија ТВ-9, која 80 проценти е во сопственост на Иванишвили. На средината од септември ТВ-9 емитуваше видео снимка на која беше прикажано како затвореници во еден затвор се измачувани и злоставувани од страна на стражарите. Министерството за внатрешни работи тврди дека приврзаници на Иванишвили го инсценирале сето тоа. Скандалот може да ја чини партијата на Сакашвили „Обединето национално движење“ губење на власта.

Премиерот станува централна фигура на моќ

Изборите се од особено значење поради тоа што новиот парламент за една година добива нови овластувања. По наредните претседателски избори во 2013 година, стапуваат во сила одредени уставни промени. Досегашниот претседателски систем ќе биде заменет од парламентарен владин систем. Премиерот веќе нема да биде предлаган од страна на претседателот на државата, туку ќе биде номиниран од најсилната партија во парламентот. Освен тоа, претседателот ќе загуби и право да ја насочува внатрешната и надворешната политика на земјата.

Georgien Parlamentswahl 2012 Tbilisi Mikhail Saakashvili
Претседателот на Грузија Михаил СакашвилиФотографија: dapd

Набљудувачите претпоставуваат дека Сакашвили во 2013 година сака да стане шеф на владата и затоа се согласи со промени на уставот. По два мандата, тој наредната година не смее веќе да се кандидира за претседателската функција. Но и Иванишвили стреми кон функцијата шеф на влада кој во иднина ќе има многу повеќе овластувања.

Покрај владејачката партија и опозициониот сојуз на Иванишвили, во парламентот може да влезат и христијанските демократи. Нив ги предводи поранешниот новинар Гиорги Таргамадзе. Опозиционерите ги нарекуваат христијанските демократи „псевдо-опозиција“ поради тоа што во парламентот постојано соработуваат со владата.

Sitzung im georgischen Parlament in Tiflis
Гризискиот парламент во ТбилисиФотографија: picture-alliance/dpa

Набљудувачите и новинарите загрижени

Невладините организации кои ги набљудуваат изборите од август регистрираа стотици прекршувања на законските одредби за кампања. Најмногу од се‘ тие се жалат на тоа дека државни средства се користеле за изборната кампања на владејачката партија. Освен тоа, се вели дека избирачите и претставниците на опозицијата биле ставани под притисок, а новинарите спречувани во извршување на нивната работа. Грузиските новинари критикуваат и поради тоа шти денеска, на денот на избори, е дозволено само ограничено снимање и сликање на изборните места.