1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сакаш - не сакаш, мора!

20 април 2010

Македонскиот закон за борба против дискриминацијата ќе се разгледува детално во ЕК. Бриселската извршна власт оценува дека законот не ги исполнува европските критериуми и останува на ставот дека тој мора да се менува.

https://p.dw.com/p/N0nO
Фотографија: Petr Stojanovski

Македонија порано или подоцна ќе мора да го менува законот за антидискриминација, децидни се во ЕК. Но, најверојатно никој во Брисел нема да притиска се’ додека не започнат преговорите за членство, затоа можеби македонската влада не брза, свесна дека овој закон не е никаков бенчмарк.

За волја на вистината, и на други земји членки не им било лесно да ја вклучат сексуалната ориентација како основа против дискриминацијата, но, како што порачуваат од ЕК „за европското законодавство не се преговара и сите земји кандидати мораат да ги усогласат своите закони, во спротивно се преземаат мерки против нив.“

Па така, Полска и Летонија, кои македонските власти во повеќе наврати ги користеа како примери на земји кои не предвидуваат сексуална ориентација, до почетокот на 2010-та ги усвоиле сите препораки на ЕК и во овие земји дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација е забранета во повеќе области, потврдија и европските и националните власти.

Дискриминација на работно место

Но, антидискриминаторското законодавство на ЕУ е релативно ново и прилично комплексно, затоа и остава простор за разни интерпретации. Сексуалната ориентација е дел само од директивата на ЕК која се однесува на работното место и вработувањето. Оттука легитимно се поставува прашањето зошто за ЕК не е доволен македонскиот закон за работните односи, во кој се наведува дека дискриминацијата врз основа на половата насоченост е забранета.

Europeische Kommission
Фотографија: DW

Од ЕК велат дека се’ уште го разгледуваат законот и не можат да дадат прецизен одговор. Одговорот го даваат активистите за човекови права во Македонија. Проблемот, велат, е во терминологијата. „Половата насочесност дава од хомосексуалците слика на животни кои имаат само физички потреби и реферира само на биологијата“, ни изјави Кочо Андоновски. „Сексуалноста е комплексен концепт кој подразбира љубов, чувства, нежност, поради тоа и инсистираме на терминот сексуална ориентација наместо полова насоченост.“ Доста е веројатно дека кога ќе дојде време ЕК да го разгледува законот за работни односи, ќе ги уважи овие забелешки.

Закон за права на пациентите

Иронијата, дообјаснуваат активистите за човекови права во Македонија, е што законот за работни односи е донесен во времето на владата на СДСМ. Од друга страна пак ВМРО ДПМНЕ во 2007-ма без никаков проблем го донесе законот за правата на пациентите во кој експлицитно ја забранува дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација. Ваква директива се’ уште не постои во Европската комисија и проширувањето на антидискриминаторското законодавство на здравството е битка која допрва ќе треба да се бие во 27-те членки.

Schwule in Europa - Symbolbild
Фотографија: PA/dpa/DW

Македонија со ваквиот закон се однесува како една од попрогресивните европски држави во областа на заштитата на правата на хомосексуалците. Зошто тогаш толкаво противење за самиот закон за антидискриминација? Особено кога се дадени цврсти гаранции од Брисел дека Европа нема намера да бара од Македонија легализирање на хомосекусалните бракови и измени во законот за семејство. Без разлика на шпекулациите, кога тогаш македонските власти ќе мораат да ги смират страстите кои избувнаа околу законот за заштита од дискриминација и да ги донесат неопходните измени кои ги бара Брисел. Во спротивно Македонија пред влезот во ЕУ би можела да се најде пред Судот за правда.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска