1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Салех предложи предвремени избори

26 септември 2011

Јеменскиот претседател Али Абдула Салех повика на предвремени избори во првото обраќање кон нацијата по враќањето од лекување во Саудиска Арабија. Салех при тоа не вети итно повлекување од власта.

https://p.dw.com/p/12gMJ
Претседателот на Јемен Али Абдула СалехФотографија: dapd

„Треба сите да преминеме на дијалогот, разбирањето и мирната смена на власта преку избори, предвремени претседателски избори“, рече Салех во телевизиското обраќање.

Тој додаде дека ја поддржува иницијативата на земјите од Персискиот залив, која предвидува тој да се откаже од власта во замена за имунитет. „Меѓутоа, сакам да додадам дека оваа иницијатива за смена на власта ќе се случи со избори и притоа тоа ќе биде на секое ниво - претседателски, парламентарни и локални, се разбира, доколку постигнеме согласност“, посочи тој.

Изјавата на Салех може уште повеќе да ја вжешти ситуацијата во земјата, каде во последните шест дена во насилството имаше нови над 100 жртви. Јеменците стравуваат дека во нивната земја може да дојде до сеопшта граѓанска војна, доколку Салех остане на власт.

Демонстрантите, кои неговиот телевизиски говор го следеа од шаторите на централниот Плоштад на промената во Сана, коментираа дека нема ништо ново во изјавата на Салех.

Автор: ЖА/АТ/миа

Редактор: Горан Чутаноски