1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самарас и‘ вети на Меркел натамошни реформи

ЕМФ/СПК/ртр/ард22 ноември 2013

Германската канцеларка Меркел му вети на грчкиот премиер Самарас натамошна поддршка во борбата против економската криза. Дали на средбата станало збор и за спорот околу името?

https://p.dw.com/p/1AMdQ
Фотографија: Reuters

Кусата прес-конференција на германската канцеларка Ангела Меркел и грчкиот премиер Андонис Самарас беше посветена исклучиво на економски прашања и проблемот со кризата во Грција. На обидот на Дојче веле да добие одговор дали двајцата шефови на влади разговарале и за спорот околу името, портпарол на германската Влада по прес-конференцијата само рече дека разговорите што ги воделе Меркел и Самарас се од доверлив карактер.

Инаку, што се однесува до совладувањето на грчката криза, пред новинарите во Берлин германската канцеларка констатираше дека Грција направила „значителни чекори“ и дека сега е време за „малку доверба“.

Меркел особено ја пофали Грција поради тоа што првпат е забележан т.н. примарен суфицит, односно земјата повеќе зела, отколку што дала пари. „Има светло на крајот на тунелот“, убедена е Меркел, која нагласи и дека се неопходни натамошни реформи.

Грчкиот премиер Андонис Самарас во Берлин денеска (22.11.) убедуваше дека неговата земја ќе продолжи на реформскиот курс: „Подготвени сме да прикажеме резултати. Нема да престанеме“. Самарас искажа увереност дека на Грција нема да и‘ биде неопходен трет пакет мерки за спас и дека земјата со помош на подобрената конјунктура ќе успее да се извлече од должничката криза.