1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот во Вилнус и неговиот историски потенцијал

Р. Гончаренко, М Остапчук/ С. Недевски28 ноември 2013

Самитот на источното партнерство во Вилнус требаше да биде историски. Но, приближувањето на шесте поранешни советски републики до ЕУ, не се одвива онака, како што тоа го замисли Брисел...

https://p.dw.com/p/1APeZ
Фотографија: Petras Malukas/AFP/Getty Images

Посебно се спорни односите со државите од некогашниот советски блок, кои немаат јасна перспектива во ЕУ. Затоа во Литванија, која моментално претседава со Унијата, денеска и утре (28. и 29. ноември), се организира Самит на ЕУ за источно партнерство.

Шест поранешни советски републики се дел од таа програма: три од источна Европа (Белорусија, Молдавија и Украина), но и три држави од јужен Кавказ (Ерменија, Азербеџан и Грузија). И Русија е повикана на самитот, но сепак Москва го одби учеството.

(Фаворитот) Украина реши да се повлече

За самиот крај на самитот на ЕУ во Вилнус беше предвидена голема завршница - потпишување на Договор за асоцијација на Украина со ЕУ. Киев во последните години беше во убедливо водство во приближување кон ЕУ. Од 2007 до 2010 година Украина од фондовите на ЕУ доби помош во износ од половина милијарда евра, два пати повеќе од Молдавија и тројно повеќе од Грузија.

И така Украина беше прва земја од источниот блок која во 2011 година започна преговори за асоцијација кон ЕУ, кои предвидуваат воспоставување на „слободна трговска зона“. Меѓутоа, осудувањето и затворањето на поранешната премиерка Јулија Тимошенко и процесите против другите лидери на опозицијата, го налутија Брисел. ЕУ поради тоа одлучи да го одложи потпишувањето на договорот.

Договорот беше свеченото парафирање на договорот со Унијата да биде одржано на самитот во Вилнус. Но, Киев под притисок на Москва, реши поинаку и тоа само една недела пред средбата. Надлежните министерства во Украина добија налог да „започнат активен дијалог со Русија и другите држави од царинската унија, како и со Заедницата на независни држави (ЗНД).“



Молдавија нов кандидат?

На местото на Украина одеднаш се најде Молдавија. Сега Кишињев важи за примерен партнер на ЕУ. Така Договорот за асоцијација со ЕУ во Вилнус ќе го потпише Молдавија, а не Украина. Брисел ги поздравува реформите и воспоставувањето на демократски начела на новиот фаворит. Иако, се поддржуваат и напорите на други земји од источниот блок.

Karte Östliche Partnerschaft der EU
Фотографија: DW

Две недели пред самитот во Вилнус, шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо објави сензационална вест. Комисијата на Советот на ЕУ ќе му препорача укинување визи за молдавските граѓани. Изјавата на претседателот на Европската комисија само го потврди принципот „повеќе за повеќе“. Колку е поголем бројот на реформи кои се спроведуваат на дело, толку повеќе и Брисел ќе „излезе во пресрет“.

И Грузија е на европскиот пат, но...

На Молдавија, така да се каже, зад петите ѝ е Грузија. Тбилиси со задоволство би му се придружил на Кишињев во потпишување на договорот. Од таа причина, во Вилнус пристигнува новоизбраниот претседател Маргвелашвили.
Брисел ја поддржува намерата на новата грузиска влада, но порачува дека сѐ зависи од случувањата во таа земја во иднина. На Грузија и‘ се препорачува да не оди по патот на Украина, чие раководство кривично ги гони своите неистомисленици. ЕУ со тоа сака да го навести можното одлагање на потпишувањето на договорот, доколку поранешниот претседател на Грузија, Сакашвили заврши во затвор, оценуваат аналитичарите.

Русија се покажа посилна во Ерменија

Четвртата земја која покажува интерес за потпишување на договор со ЕУ е Ерменија. Брисел и Ереван во текот на летото ги завршија преговорите, но во септември ситуацијата се промени.
Претседателот Саракисјан, по средбата со рускиот колега Владимир Путин, соопшти оти Ереван веќе нема да биде концентриран на продлабочување на односите со Брисел, туку со Москва, како и со другите членки на царинската унија (Белорусија и Казахстан).

Гасот од Азербејџан на прво место?

Ерменскиот сосед Азербејџан размислува поинаку. Не сака да пристапи кон царинската унија со Русија, иако, Баку во Вилнус не планира да потпише ништо. Односите меѓу ЕУ и Азербејџан главно се во знакот на билатерални односи во рамките на енергетската политика. Во јуни 2013. година меѓународниот конзорциум „Шах Дениз“ одлучи да ја разгледа изградбата на „Трансјадрански“ гасовод, со кој би бил овозможен транспорт на гас до ЕУ. Со тоа Брисел сака да ја намали својата зависност од руските енергенси.
Веројатно тоа е причината поради која критиките на сметка на претседателските избори одржани во Азербејџан се во втор план. Во Вилнус, имено, пристигнува и претседателот Илхам Алијев, иако луто реагираше на забелешката на претставникот на ЕУ.

Уште еднаш без Лукашенко

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, лидерите на Унијата во Вилнус не сакаат да го видат. ЕУ уште на предходниот Самит во Варшава, 2011. година тоа јасно го стави на знаење. Се очекува овој пат во Литванија да дојде претставник на белоруското Министерство за надворешни работи.
Белорусија е единствена земја од „источното партнерство“ на која Брисел поради кршење на човековите права и прогонот на опозициските лидери, ѝ наметна санкции. Нивниот смисол многу експерти ги доведуваат во прашање. Последните недели, пред Самитот во Вилнус, повеќе европски политичари на колегите во ЕУ им предложија, да ја искористат можноста и на дводневната средба во Литванија, односите со Минск да ги извлечат од ќор-сокак.

Moldawien Chisinau proeuropäischer Protest
ЕУ со пофалба за демократските реформи во МолдавијаФотографија: Reuters