1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот започнува, неизвесно е какви резултати ќе донесе

6 јуни 2007

Расте притисокот за конкретен договор и што поамбициозни цели за заштита на климата

https://p.dw.com/p/AogA
Канадскиот премиер Стивен Харпер и германскиот канцелар Ангела МеркелФотографија: AP

Самитот на Г8 започнува со официјалната заедничка вечера, а работниот дел, всушност, ќе се одвива утре и задутре. На вториот работен ден на самитот ќе му се придружат и поканетите шефови на држави или на влади од Африка, како и од најважните од земјите во подем - Кина, Бразил, Индија, Мексико и Јужна Африка. Но, веќе денеска во билатерални средби ќе се разговара за заштитата на климата и помошта за Африка, како и за другите теми од дневниот ред на самитот.

Германскиот канцелар Ангела Меркел, домаќин на собирот на политичките лидери од водечките земји во светот денеска напладне ќе се состане со американскиот претседател Џорџ Буш, а потоа во текот на попладнето ќе разговара и со италијанскиот премиер Проди, со новиот француски претседател Саркози, како и со претседателот на Русија Путин. На сите средби ќе се бараат можности за постигнување конкретни договори. Сосем е неизвесно дали тоа ќе биде изводливо.

Непосредно пред почетокот на самитот некои од неговите учесници го креваат притисокот за постигнување успех во критичната тема за заштитата на климата. Францускиот претседател Саркози и канадскиот премиер Харпер, на пример, бараат на самитот да бидат утврдени колку што е можно поамбициозни цели. Очекувањата се големи, изгледите неизвесни.

Германскиот претседател Хорст Келер му даде подршка планот на канцеларот Ангела Меркел за ограничување на просечното затоплување на земјата на два степена. На отворањето на Еколошката недела во Берлин тој нагласи:: “Цел секако ќе мора да биде да се бара договор за тоа. Но, исто толку е важно, сите да се вклучени”.

Но, Американците се противат на обврзувачки заклучоци. Џемс Канатон, советник за еколошки прашања на претседателот Буш, вели: “Ние сме добро подготвени за таа дискусија – и во смисла на некоја заедничка и општа цел. Таа потоа може да биде остварена со краткорочни чекори во наредните 10 до 20 години, но нив мора секоја земја да ги утврди сама за себе”.

Канцеларот Ангела Меркел, меѓутоа, сака јасна определба за преполовување на емисиите на издувни гасови до 2050-та година со договори во рамките на ОН: “Би бил голем чекор напред ако ни успее да го разјасниме тоа, да кажеме дека се’ ќе се случува во рамките на меѓународен процес под закрила на ОН”. Од владини кругови се вели дека по потреба Меркел ќе ризикува и отворен спор на самитот кај овие точки.

Инаку, Џорџ Буш од синоќа е во Германија. На аеродромот во Росток тој беше пречекан од покраинскиот премиер на Мекленбург-Предна Померанија Харалд Рингсторф, а веднаш потоа со хеликоптер одлета за Хајлигендам. До ушите на американскиот претседател воопшто ни не стигнаа свирежите и протестните скандирања на неколку стотици демонстранти, кои полицијата ги задржа на поголема оддалеченост од аеродромот.