1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на НАТО во Чикаго реприза на оној во Букурешт?

Силвера Падори-Кленке17 април 2012

Во пресрет на самитот на НАТО во Чикаго пратеникот во Бундестагот од редовите на ЦДУ/ЦСУ Родерих Кизеветер за ДВ подвлекува дека „Германија ја поддржува Македонија, но проширувањето не е тема на самитот на НАТО“.

https://p.dw.com/p/14dQm
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во Германија сме многу заинтересирани Македонија да има перспективи како во НАТО, така и во ЕУ. И секако, што поскоро да има шанса да стане полноправна членка на Алијансата. И тоа поради две причини: Поради тоа што со неа состојбата на Западниот Балкан би била постабилна. И второ: Македонија ќе може да даде свој придонес во Алјансата, зашто веќе има одредени резултати во реализацијата на акциониот план и членството има смисла. Германија ова го поддржува”, изјави во разговор за Дојче веле Родерих Кизеветер, пратеник на ЦДУ, член на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот и гласноговорник на подкомисијата за разоружување и превенција на кризи.

Го прашуваме Кизеветер: Дали е оптимист и ќе донесе ли покана за членство дипломатската офанзива, која ја води македонската влада пред самитот на Алијансата во Чикаго?

„На овој самит на НАТО централно нема да биде проширувањето, зашто некои од земјите членки мошне интензивно се преокупирани со сопствените избори. Франција на пример, или Соединетите Американски Држави. Силен предизвик е и Авганистан за кој мора да се донесат решенија, но и прашањето за тоа како понатаму ќе се одвива состојбата со ракетите и со Русија. Сметам дека овие прашања ќе доминираат и не верувам дека ќе има место за напредок, кој би се однесувал и кој го посакува Македонија”, објаснува Кизеветер.

Тој едновремено очекува: „Државите како Грција, кои на сево ова гледаат со доза на скепса, да разберат дека добиле меѓународна помош во екот на банкарската криза и дека сега тие треба да придонесат за добрососедските односи на Балканот”.

Реактуелизирање на Резолуцијата за Македонија?

По 2004-та, кога Бундестагот донесе резолуција со која се бараше користење на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација со Германија, нема ни милиметар поместување нанапред. Овој документ остана само парче хартија. Може ли по осум години оваа резолуција да се реактуелизира, особено ако се има предвид декемвриската пресуда на Меѓународниот суд во Хаг, која беше во корист на Македонија?

Roderich Kiesewetter MdB CDU
Родерих Кизеветер - со Македонија во НАТО, состојбата на Западниот Балкан ќе биде постабилнаФотографија: Deutscher Bundestag

„За ова интензивно разговаравме со вашата амбасадорка госпоѓа Утевска. Во Бундестагот се зголемени симпатии за ова прашање повторно да се расправа. Но, во фракцијата се’ уште не дискутиравме, што значи, неможам да кажам каков би бил исходот. Но, би подвлекол дека лично, оваа идеја ја поддржувам”, изјави за ДВ Родерих Кизеветер, пратеник од ЦДУ во Бундестагот.