1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

061010 EU China Gipfel

7 октомври 2010

За ЕУ вчерашниот (06.10) ден беше ден со две лица. Од една страна, самитот со Јужна Кореја во Брисел се покажа како особено успешен и хармоничен, но средбата меѓу ЕУ и Кина помина во прилично затегната атмосфера.

https://p.dw.com/p/PXft
Вен Џиабао, Херман Ван Ромпој и Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

По долги и делумно тешки преговори, договорите беа потпишани. Претставниците на ЕУ и Јужна Кореја склучија договор за слободна трговска размена. Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо, искажа задоволство од исходот на самитот:

„Оваа спогодба е една од најважните спогодби што ЕУ ја склучила со поединечна држава и воедно првата спогодба за слободна трговска размена со земја од азискиот континент.“

Двете страни се надеваат дека бесцаринската трговија ќе придонесе за поголема трговска размена и со тоа ќе им помогне да излезат од финансиската криза. Меѓутоа, Јужна Кореја треба да биде само почетокот. Јапонија и Малезија исто така се интересираат за склучување на таква спогодба со ЕУ.

Отворено признание дека проблеми постојат

По хармоничната средба со Јужна Кореја, проблемите меѓу ЕУ и Кина уште повеќе дојдоа до израз. Кина ги одби барањата на европските земји за драстична ревалвација на својата валута, јуанот. Освен тоа, европските претприемачи се‘ погласно се жалат дека се запоставувани на кинескиот пазар, а проблем е и пиратеријата. Било да се работи за човековите права или преговорите околу климата, Европејците и Кинезите на многу полиња се на различни ставови. Претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, отворено призна пред кинескиот премиер Вен Џијабао дека проблеми постојат:

EU China Gipfel Belgien Brüssel
Европа бара ревалвација на јуанотФотографија: AP

„Господине премиер, јас и натаму гледам простор за проширување на билатералната соработка. Како и во секое партнерство, така и во нашето има и сличности, но и разлики. Тоа не е невообичаено и не треба да и` стои на патот на нашата заедничка волја да ги подигнеме меѓусебните односи на повисоко ниво“, рече Ван Ромпој.

Најмалку тензична е сферата на културна размена

Атмосферата, сепак, беше напната. Заедничката прес-конференција на Барозо и Ван Ромпој со кинеските претставници беше откажана.

EU China Gipfel Belgien Brüssel
Најмалку проблематична е културатаФотографија: AP

Најмалку тензичниот дел од самитот на ЕУ и Кина беше средбата на претставниците од културата. Таму кинескиот премиер Вен Џијабао исто така зборуваше за разликите, но во позитивна насока:

„Разликите во културите е најважниот знак за човековата цивилизација. Самостојноста и развојот на различните култури и зајакнувањето на културната размена се значајни предуслови за одржување на културната разноликост.“

Нагласувањето на кинеската самостојност, било да е на културен или политички план, преовладуваше за време на посетата на Вен Џијабао на Брисел. Иако ЕУ и Кина имаат големи заеднички интереси, разликите меѓу нив и овојпат дојдоа до полн израз.

Автор: Кристоф Хаселбах / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска