1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само вложен максимум може да им гарантира целосен успех на наводните фаворити

18 јуни 2004

Европското првенство станува се‘ поинтересно и понеизвесно, се‘ помалку има изразити фаворити, секој мора да вложи максимум за да оствари успех. Синоќа на своја кожа ова го почувствуваа Французите. Денеска нов шлагер: Италија против самоуверената Шведска.

https://p.dw.com/p/AenG

“Вознемирувачки. Тоа беше лошо изненадување. Се раѓа сомнеж” – пишува денешниот “Л‘ Паризиан” по синоќешните 2 спрема 2 на репрезентацијата на Франција против Хрватска. “На рулет не може секогаш да се добива”, коменира “Л‘ Фигаро”. За “Либерасион” нерешениот резултат против Хрватска беше исто толку резултат на среќа, колку и победата против Англија.

Во Хрватска паралелно со задоволството е присутно и чувството дека сопствената репрезентација беше оштетена. “Не им верувавме на сопствените очи. Ова е голем успех, но бевме толку блиску до победа против Франција” – констатира “Вечерњи лист”. “Каква штета. Бевме толку блиску до енормен триумф. Нашите херои беа ограбени” – се жали “Јутарњи лист”. За “Спортске новости” нема дилеми: “Судијата и Игор Тудор направија фатални грешки”.

Репрезентативецот Нико Ковач смета дека Хрватска не е без изгледи да се најде во завршницата. Синоќа по средбата тој изјави:

“Сметам дека денеска отидовме до границите на своите можности и одигравме добар натпревар против големиот фаворит Франција. Се виде дека не смее да не потценувваат. Ние можеме да имаме слаб натпревар како против Швајцарија, но потоа да одиграме толку добро како денеска. Ние сме всушност непредвидливи, па оттука уште не треба да не отпишуваат”.

Средбата Хрватска – Англија в понеделник ќе биде решавачка за обете екипи. Англија по резултатски убедливите 3 спрема 0 против Швајцарија е на курс кон четвртфиналето, смета Стивен Џерард, стрелец на третиот гол: “Многу е важно што денеска го остваривме вистинскиот резултат. Сите бевме разочарани по натпреварот против Франција од она што незаслужено не снајде, но сега се вративме на вистинската патека. Против Хрватска одиме на наредни три бодови”.

18-годишниот Вејн Руни, најмлад стрелец во завршницата на европските првенства, со вчерашните два гола го зголеми својот голгетерски биланс на осум погодоци во 13 настапи за репрезентацијата.

Швајцарија може да си ги пакува куферите. Тренерот Јакоб Кун беше депримиран: “Два пати во вакви климатски услови да се одигра со десет играчи практично цело полувреме – тоа не ги троши само силите, туку влијае и врз моралот”, рече тој, имајќи ги предвид црвените картони во двете средби.

Денеска Бугарија против Данска ќе се обиде да се рехабилитира по катастрофата во дуелот со Шведска, додека Швеѓаните носени на крилата на уводните 5 спрема нула расположени влегуваат во дуелот против Италија; уште повеќе бидејќи Италија ќе настапи без клучниот играч Франческо Тоти. Италијанската фудбалска федерација се откажа од волжување приговор на казната од три натпревари неиграње за Тоти поради тоа што го плукна Данецот Поулсен. Отсуството на Тоти го става пред голем проблем селекторот Џовани Трапатони: “Тоти го принудува Трапатони на револуција” пишува весникот “Ил Матино”. Нов креатор на играта ќе биде Алесандро дел Пјеро или Андреа Пирло. Во секој случај, пораката од италијанскиот табор е “Повторно ќе го имаме Франческо во тимот во полуфиналето”.

Во Германија љубителите на фудбалот утре очекуваат ново добро издание на репрезентацијата и три бода во средбата со Летонија. “Ние вчера цело попладне се подготвувавме за Летонците, без сега да претеруваме и работите да ги прикажуваме црно. Работите ги сведовме на тоа да укажеме колку е опасна таа репрезентација и ние нема да дозволиме да бидеме вовлечени во замка да си речеме – ние сме големи фаворити, па можеме едноставно и со помал ангажман откоклку против Холанѓаните да дојдеме до успех. Тоа со сигурност нема да се случи” – вели селекторот Руди Фелер.