1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само дедовците се занимаваат со политика

Волфганг Дик/ Жана Ацеска3 јануари 2014

Политичарите во Германија стареат. Во многу градови и општини нема доволно млади заинтересирани за политичкиот живот. Демократијата е во опасност. Но, придобивањето на младите е можно, ако им се укаже почитување.

https://p.dw.com/p/1Akji
Фотографија: DW/W. Dick

Во дневната соба на Роланд Колер (на насловната фотографија) стои стол за нишање, но тој не го користи. Неостварен е и сонот за пензија и патување со сопругата. Роланд Колер е општински советник на Партијата на зелените, Сојуз 90/Зелени, во мало место во северниот дел на покраината Рајнланд Пфалц. Тој има над 70 години, а нема политички наследник, слично како и многумина. Според студијата на Слободниот универзитет во Берлин, просечниот германски политичар има 58 години. Освен тоа, ако се анализира бројот на членови на германските политички партии на возраст меѓу 16 и 35 години, статистиката вели - нивниот број се движи меѓу 3 и 11 проценти. Млади има повеќе во невладиниот сектор, но и таму нивниот број опаѓа.

Роланд Колер знае дека така веќе не може. Навистина, потребно е искуство за донесување одлуки за комплицирани работи, но исто така и љубопитност и свежина. На пример, во одделни општини во руралните подрачја се создаваат семејни кланови кои со години ја кројат политиката, тврди советникот. Тој се труди да воведе што повеќе млади луѓе во политиката, но тоа оди тешко:

Karin Horn
Карин ХорнФотографија: Privat

„Тоа што го доживуваат тогаш често ги исплашува“.

Зошто ги нема младите?

За младите понекогаш е одбивен начинот на кој постарите се занимаваат со политика. Договорите често ги склучуваат претседателите на пратеничките или советнички групи, а останатите само климаат со глава.

„Одделни членови на општинскиот совети првпат го отвораат информативниот материјал кога ќе почне седницата и често не се доволно информирани за работите за кои одлучуваат“, нагласува Роланд Колер.

Карин Хорн има 72 години и ја претставува Христијанско-демократската унија во градскиот совет во Бад Хонеф во близина на Бон. Таа смета дека млади луѓе нема доволно во политиката, зашто образованието и работата денес бараат многу повеќе време од порано. Младите мора да му посветат поголемо внимание и на семејството.

„Младите денес имаат помалку време и не сакаат да се врзуваат, но ни да се сосем надвор од тој свет“, смета Хорн. Навистина, политиколозите тврдат дека младата генерација Германци не сака да следи една одредена идеологија. Луѓето меѓу 20 и 35 години се заинтересирани за политика, но најмногу сакаат брзи потези кои решаваат одредени проблеми, не ги привлекуваат долги и здодевни дискусии за дневниот ред или програмата, кои се чести во политичките партии.

Jörg Haselier CDU QUALITÄT
Јерг ХацелијерФотографија: DW/W. Dick

Колегата на Карин Хорн, Јерг Хацелијер, има 45 години, а сепак се смета за „младинец“ во својата партија. Тој смета дека за отсуството на младите од политиката е одговорна промената на свеста на луѓето. Имено, порано ангажманот во политиката беше прашање на чест и престиж на одредено семејство на село. Денес работите се сосем поинакви, младите луѓе сакаат да учествуваат во донесувањето на одлуките и да бидат сфатени сериозно. Токму тука се појавуваат проблемите. Хацелијер говори од лично искуство: „Постарите често не сакаат да се повлечат, па тешко е да се напредува“.

Рецепти за успех на младите политичари

Научните студии покажуваат дека младите почнуваат да се интересираат за политика во текот на школувањето.

„За жал, политиката и општествените науки во училиштето постојано се занемаруваат“, се жали Матијас Рушке, претставник на форумот „Млади и политика“ во германската фондација „Фридрих Еберт“. За да го зголеми интересот за политиката, Рушке и неговиот тим организираат посебни игри наменети за младите и ги нудат во училиштата.

Matthias Ruschke Friedrich Ebert Stiftung QUALITÄT
Матијас РушкеФотографија: DW/W. Dick

Во една од нив, учениците учествуваат во седница на општинското собрание, а политичарите и стручњаците за јавна управа мора да одговараат на нивните прашања и приговори.

„Тие не ги гледаат учениците од висина и тоа го сфаќаат сосем сериозно“, тврди Рушке.

Се чини дека ваков настап има ефекти, зашто многу млади луѓе подоцна решаваат да се вклучат во политика.

Се‘ повеќе младински парламенти

Градот Оберхаузен во Рурската област оди чекор понатаму. Во него, како и во 80 други општини во Германија, постои посебен парламент за млади. Тоа не е никаква игра, туку официјална институција. Тој парламент има посебен, иако ограничен буџет, и тука младите од 13 до 20 години гласаат за она што ги интересира.

„Овде се активиравме зашто многу мерки за штедење во градот не‘ чудат и лутат“, велат одделни членови.

Jugendparlament Oberhausen QUALITÄT
Младински парламент во ОберхаузенФотографија: DW/W. Dick

На пример, парламентарците гласаат за автобуските линии кои ги користат учениците најчесто. Аника, која има 18 години, порано беше скептична, но сега согледува дека работите можат да се променат: „Барем само заради тоа вреди да се продолжи со работа“. А 16-годишниот Улрих додава: „На власт веќе 50 години се луѓе кои ништо не довеле во ред. Ни преостанува сами да се обидеме да ги промениме работите на подобро“.

Искуствата со младинските парламенти се многу позотивни. На локално ниво се донесуваат одлуки кои се однесуваат на бројни млади луѓе, а кога ним ќе им се пружи прилика активно да учествуваат, се‘ поголем број од нив тоа и го прави. Тоа се гледа и во германскиот закон: во шест од 16 германски покраини право на глас за локални избори се стекнува со 16 години. Наголемо се водат дискусии тоа право да биде проширено и на сојузните избори, како и кај гласањето за Европскиот парламент. На тој начин, младите би биле поподготвени да се вклучат во политиката, вели Матијас Рушке.