1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само не Шенген!

Обработка: Зоран Јордановски (Велт, ФАЦ, ЗЦ)6 март 2013

Романија и Бугарија и натаму остануваат надвор од Шенген-зоната. Покрај Германија, вето за пристап на тие две земји најави и Финска, а против се и други европски земји. Еве што уште пишува весникот „Ди велт“:

https://p.dw.com/p/17s6K
Фотографија: picture alliance/Romain Fellens

„Главен аргумент е и останува неисполнувањето на стандардите, оти во обете земји корупцијата и криминалот се неприфатливо високи“, се вели во коментарот на „Ди велт“ со наслов „Само не Шенген“:

„На конзервативниот министер за внатрешни работи (Фридрих, германски министер - н.з.) веројатно му е полесно тука да постави приговор и со тоа да му постави кочница на високиот идеал за слобода на движење и населување, за кој Европејците толку радо вложуваат напори. Можеби би помогнало да се укаже и на тоа дека има и земји како Велика Британија и Ирска, кои се членки на ЕУ, но не и на Шенген-зоната. Тука никој не зборува за подреденост. Заедничкиот простор без гранични контроли секогаш крие опасност од миграција на сиромашните, оти разликите меѓу Северот и Југот, како и меѓу Истокот и Западот се огромни“, нагласува „Ди велт“.

При приемот на Романија и Бугарија потфрлија контролните механизми на ЕУ, констатира „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во подолгиот коментар на истата тема, под наслов „Преселби и корупција“:

„Ништо не зборува против кога романски или бугарски граѓани доаѓаат како работна сила во Германија, каде има потреба од нив. Проблемот е разликата меѓу социјалните погодности, кои не ги плаќа земјата на потеклото, туку земјата во која се доселиле. Само детскиот додаток за две деца во Германија е повисок отколку просечната плата на неквалификуван работник во Романија“, аргументира ФАЦ.  Во коментарот се укажува дека Романија од пред три години ги исполни техничките предуслови од Шенгенскиот договор: „Модерниот систем за контрола на границите придонесе денес да биде потешко илегално да се влезе преку надворешната граница на ЕУ во Романија, отколку да се побегне од неа во времето на Чаушеску“. Проблемот на Романије е неисполнувањето на политичките предуслови за борба пртив организираниот криминал и корупцијата, како и за независно правосудство. „Меѓузависноста на Шенген и борбата притив корупцијата се доведува под прашање од страна на владата на Понта (премиерот на Романија, н.з.), но очигледно е дека ни од најдобрата контрола на надворешните граници на ЕУ нема воопшто никаква полза, ако политичарите и службениците надлежни за тоа се подмитливи“, оценува ФАЦ.

Zeitungen aus Springer Verlag Symbolbild Presseschau Presse
Фотографија: dpa

„Зиддојче цајтунг“, пак, се задржува на преговорите за финансиска помош од ЕУ за Кипар. Новата влада на таа земја дозволи независни експерти да ги проверат на лице место прекорите за перење пари во тамошните банки:

„Значи, се исплатеше одолговлекувањето на германската влада и на другите даватели на пари“, се извлекува заклучок во коментарот, во кој е нагласено: „Политичарите треба да останат тврдокорни и во уште една работа: во нивното барање во трошоците за спасување да учествуваат и доверители или клиенти на кипарските банки. Поддршката за банките и државите во кризава е неопходно, но слаба страна е дека главно тоа е на товар на даночните обврзници, а не на оние што го поседуваат капиталот. Пазарностопански би било обратното. Кој сака со ризик да заработи пари со банкарска акција или  државна обврзница, мора да ги сноси и консеквенциите, ако работите тргнат наопаку. Кипар е пример на кој Европа треба и може да наметне принцип: сопствениците да ја преземат одговорноста“, смета „Зиддојче цајтунг“.