1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само од шпагети не се живее

11 јануари 2012

Италија го држи приматот на пазарот кога станува збор за тестенините. Но, само од шпагети италијанската економија не може да живее. Како со кризата се снаоѓа „Made in Italy“?

https://p.dw.com/p/13hNa

Шпагети произведени само од вода и гриз од тврда пченица, за и по варењето да останат навистина „ал денте“ (кулинарски израз за италијански тестенини, кои се сварени, но не кашави н.з.). Во „Беневент“, кај Неапол, се произведуваат тестенини нон-стоп. Се работи и на празници. Секоја тестенина мора да биде според стандарди до милиметар. Шефот на фирмата, Косимо Румо, се надева дека во Новата година неговата земја ќе има повеќе самодоверба:

„Владата мора да ги заштити нашите „Made in Italy“ производи. Многу конкуренти во странство не‘ копираат, ги користат боите на нашата земја или на своите призводи им даваат италијански имиња. Досега не се спротивставувавме!“

Претприемачот се лути и околу високите трошоци за плати. Во Италија тие изнесуваат 20 евра на час и со тоа се многу повисоки од конкурентите од земјите каде има ниски плати.

„Ние Италијанците можеме да се ’држиме“ само во делот на луксузни производи. Но, тоа е само 20 проценти од потрошувачкиот пазар. Останатите 80 проценти се брутална борба на потиснување, во која италијанските претпријатија често попуштаат“, вели Румо.

10920205_309_H.jpg15.11.2011 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT REPORTAGE Italien
Италијанските претпријатија мора да имаат можност да се шират, смета Косимо РумоФотографија: DW-TV

Производителот на тестенини се‘ уште добро се држи на пазарот, но грижите пред фабричката порта се сепак големи. Еден од вработените во фабриката оценува: „На 2012 година гледам малку песимистички, иако сметам дека ние Италијанците во тешки времиња секогаш го даваме најдоброто од нас.“

Еврокризата на „Беневент“ и на цела Италија им носи непријатни новитети - се зголемува старосната граница за одење во пензија, има повеќе даноци на недвижнини и се зголемува данокот на додадена вредност.

„Големите господа не се оданочени, а тие требаше да го финансираат пакетот мерки за штедење, не пензионерите и обичните работници“, вели една жена на улиците на Неапол.

Косимо Румо смета дека задачата во Новата година е јасна:

„Мора да ги промениме рамковните услови. Италијанските претпријатија мора да имаат можност да се шират. Нашите претпријатија во просек се премали за да бидат конкурентни во светски рамки.“

Прилогот можете да го погледнете и како Видео на денот!

Автор: Филип Цан / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски