1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само чесен и квалитетен фудбал може да ја врати публиката

2 август 2010

Деновите на фудбалот продолжуваат. Почетокот на фудбалското првенство на Македонија се смести во меѓупросторот меѓу реванш натпреварите на Работнички и Тетекс во Лигата на Европа.

https://p.dw.com/p/OZpr
Фотографија: Petr Stojanovski

Стартното коло, нецелосно, мина со 4 натпревари и со мал број гледачи. Сосема очекувано, со оглед на високите температури. Ренова славеше во дербито против Пелистер со 2:0. Во дуелот на прволигашите-повратници Напредок ја совлада Брегалница со 1:0. Хоризонт во Турново расположен за голови против затечениот Силекс - триумфира со 4:0. Вардар, тотално неподготвен, поразен е од Металург со 2:1. Денеска (02.08), Работнички ќе го одигра стартниот натпревар против Скопје, а утре Шкендија и Тетекс во Тетово ќе го имаат своето градско дерби.

Првенство послабо од претходното?

За шампионатот кој штотуку започна ги пренесуваме опсервациите на тренерот на Металург, Жикица Тасевски. Првото негово очекување е дека нема да се повтори хаосот од претходното првенство.

„Не‘ очекува шампионат во кој се надевам дека ќе биде подобро, за разлика од претходното првенство. Со воведувањето на котизацијата мислам дека клубовите нема да имаат проблем со плаќањето на режиските трошоци, околу судии, делегати...“

Zikica Tasevski Fußballtrainer Mazedonien
Жикица ТасевскиФотографија: DW

Многу млади, квалитетни фудбалери, си заминаа од клубовите, а соодветни алтернативи, домашни или од странство нема, па Тасевски се плаши дека ова првенство може да биде послабо од претходното. Што се однесува до борбата за титулата, за него фаворитите се отприлика истите од лани.

„Водечката улога ќе ја имаат тимови како Работнички, Металург, Ренова може тоа да бидат Пелистер или Шкендија. Можеби ќе има и некој тим што ќе изненади, но гледајки по квалитетот на играчите овие тимови ќе се борат за врвот.“

Проблеми колку сакаш

Тасевски вели дека покрај одливот на играчи има и други проблеми со кои се соочуваат македонските клубови:

„Главниот проблем кај нас се три работи: финансиите, инфраструктурата и организацијата. Кога би можеле барем во една од тие три сегменти да се подобриме ќе направиме голем чекор. Прво, сите клубови треба да направат проекти преку кои со помош на федерацијата и државата ќе се добијат пари од Европската унија. Треба да се направи студиозна програма преку која ќе се добијат пари за да се направи инфраструктура.“

Fußball und Geld
За инфраструктура се потребни пари, а за да се добијат пари потребна е студиозна програмаФотографија: picture-alliance/chromorange

Дали штотуку завршеното светско првенство може да влијае посетеноста на првенствените натпревари да биде поголема: Тасевски одговара:

„Нормално дека еуфоријата од светското првенство се‘ уште трае. Луѓето сакаат да гледаат големи натпревари и имиња од врвниот фудбал, тоа го докажува и посетеноста на натпреварот меѓу Работнички и Ливерпул. Има начин како да се врати публиката, а таа би се вратила само ако има чесен и квалитетен фудбал. Во овој проект треба да се вклучат сите спортски работници и новинарите.“

Автор: Златко Калински

редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска