1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сам меѓу жени

Франк Маркус / Симе Недевски3 јануари 2013

Синхронизираното пливање денес се смета за женски спорт. Го практикуваа и мажите, но во 1950-тите жените ги истиснаа сакајќи да се покажат во костимите за капење. Макс Кистнер е еден од ретките кои го сакаат овој спорт.

https://p.dw.com/p/16W4T
Фотографија: picture-alliance/landov

Шест млади жени и еден маж одат на заеднички тренинг. Што би требало тоа да биде?

Синхронизирано пливање во Пливачкиот сојуз Швабен во Штутгарт. Тренерот Соња Бати вели:

„Одиме...“

20-годишниот Макс Кистнер е единствениот маж меѓу бројните жени - натпреварувачки во синхронизирано пливање. И тој е еден од ретките во цела Германија.

„Овде дојдов преку мојата сестра. Синхронизираното пливање е многу занимлив спорт. Натпреварувачкото пливање во патека ми беше здодевно. И помислив, ќе направам нешто посебно и тоа едноставно е убав спорт“, вели Макс.

17.10.2012 DW Deutschland Heute Synchronschwimmer
Фотографија: DW

Веќе 4 години Макс тренира со воодушевување, иако овој електроничар по струка често морал да слуша дека синхронизираното пливање не е за момчиња.

Порано овој пливачки стил се нарекувал и танцувачко пливање или балет на вода.

„Реакциите на моите колеги беа различни. Мојот шеф беше и сопруг на мојата тренерка и секогаш сакаше да ме префрли во тимот за ватерполо. Но, такво задоволство не му причинив...“, раскажува Макс.

Инаку, првобитно, синхронизираното пливање било исклучиво машки спорт. Во педесетите години мажите всушност беа избркани од жените, кои оттогаш наваму со задоволство се претставуваат во костумите за капење. Синхронизираното пливање е дисциплина која бара многу труд.

„Мора да се има добро чувство за такт и естетика. Мора да се има добра физичка подготвеност и да се има сила и издржливост. Значи, може да се каже дека мора да се поседуваат сите спортски карактеристики“, вели Соња Бати.

Пливање, гимнастика и танц во едно. Макс Кистнер во секој случај ужива да биде сам меѓу жените. Што мислат тие за тоа?

„Сметам дека е навистина задоволство да се плива со него, во секој случај. Сосема е кул кога има еден таков маж во тимот“, вели една жена, а друга додава: „Тој внесува многу мотивација. Што се однесува до силата едноставно е непроценливо, така што е добро што го имаме во тимот.“

Наредната година Макс треба да учествува на првенството во германската сојузна покраина Баден Виртемберг. И, којзнае, можеби еден ден и на олимпијадата, кога таму во овој спорт ќе смеат да учествуваат и мажи.