1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сантини: “Се радувам што на милионската публика и‘ го понудивме овој спектакл”

14 јуни 2004

Франција и Англија одиграа прекрасен натпревар со драматична завршница. Пораснаа апетитите на Грција. Европското првенство во фудбал ги стави во сенка не само другите спортски манифестации на викандот што измина, туку и актуелните политички настани.

https://p.dw.com/p/AenM
Зинедин Зидан во акција на синоќешниот натпревар против Англија
Зинедин Зидан во акција на синоќешниот натпревар против АнглијаФотографија: AP

Првото големо дерби на Европското првенство, средбата меѓу Франција и Англија, ги оправда во целост очекувањата: донесе динамичен, технички дотеран и комбинаторен фудбал, но во исто време и завидна доза на борбеност од обете страни – и, како кулминација на задоволството, уште и фантастична спортска драма во последните две минути. Срцата на љубителите на фудбалот се полни, натпреварот во Лисабон им донесе сатисфакција за слабите средби во меѓувреме одиграни на првенството.

“Се радувам што на милионската публика и‘ го понудивме овој спектакл. Пресвртница во натпреварот секако беше одбранетиот пенал. И на две минути пред крајот уште верував во нашата шанса. Со текот на натпреварот и со среќниот крај мојот тим го даде вистинскиот одговор” – оцени францускиот селектрот Жак Сантини. Неговиот англиски колега Свен-Јеран Ериксон беше помалку расположен: “Игравме какао што сакавме да играме против Франција. Мислам дека во последните десет-петнаесет минути ја контролиравме играта и се чинеше дека тие немаат веќе идеи. Ние можевме да победиме со 2 спрема 0, наместо да загубиме со 2 спрема 1. Разбирливо е дека денеска сме разочарани”.

Лемпард во 38-та минута ја доведе Англија во водство. Во 72-та минута Англичаните можеа да го решат мечот во своја полза, но пеналот изведен од Дејвид Бекам голманот на Франција Фабијан Бартес го одбрани. Зинедин Зидан беше, сепак, централната фигура на мечот, посебно со головите во првата и третата минута од доигрувањето, кога прво од слободен удар, а потоа и од пенал го совлада англискиот голман Џемс: “Ваква победа е добра за моралот. На вакви натпревари се осознава карактерот на една екипа. По 1 спрема 1 имавме чувство дека е можно уште нешто”, рече клучниот играч на натпреварот.

Франција останува непоразена во серија од 19 последовни натпревари. Во Лисабон на стадионот имаше 65 илјади гледачи. Градот доживеа сепак мирна ноќ, изостанаа поголеми безредија од англиските фудбалски навивачи. Само еден е уапсен, затоа што удрил редар на стадионот. 40 илјади Англичани заедно со француските навивачи во текот на ноќта мирољубиво ја славеа големата фудбалска фешта. Многумина веднаш по ссредбата се вратија назад во Англија - дури 50 летови имаше ноќеска од Лисабон кон Велика Британија. 2300 регистрирани хулигани не добија дозвола да ја напуштат Велика Британија, а Португалија привремено го суспендира Шенгенскиот договор и воведе кнтроли на границите, како што беше и пред 4 години во Белгија и Холандија за време на европското првенство.

Милиони луѓе беа сведоци на синоќешниот дуел преку телевизискиот пренос. Во Германија преку 13 милиони гледачи се определија за фудбалскиот пренос, што претставува фантатстична квота од 40 проценти. Може да се претпостави дека утре бројката ќе биде повторена, ако не и надмината, кога Германија ќе игра против Холандија.

За другите средби: Хрватска и Швајцарија во фудбалска смисла разочараа, посебно Хрватска, која ни со играч повеќе, и тоа цели 40 минути, не успееа да постигне гол. Шпанија според планот ја совлада Русија, но допрва треба да се види дали е меѓу вистинските кандидати за титулата, а по поразот на домаќинот Португалија против Грција, средбата со соседот Шпанија добива посебна занимливост. Грците и‘ се радуваат на првата победа на завршницата од европско или светско првенство, а одеднаш им порраснаа и амбициите: “Комплименти во прв ред за тимот, јас само дадов совети. Од големи индивидуалисти со време се разви тим. Тоа го видовте и овде – секој трчаше и за другиот, играше со страст и срце”, зборуваше по големиот триумф грчкиот селектор, Германецот Ото Рехагел. “На ова натпреварување сакаме да одиме понатаму, сакаме да постигнеме успех и сакаме да го добиеме наредниот натпревар против Шпанија” – рече тој. Дали притоа и самиот беше понесен од големиот стартен успех, или навистина процени дека шансите се тука, ќе се види в среда во Порто.

Денеска, инаку играат Данска против Италија и Бугарија против Шведска, натпревари од групата Це.

За Германците сите погледи, очекувања и страхувања се врзани за утрешниот дуел против традиционалниот ривал Холандија. “Токму кога се среќаваат Германија и Хоиландија напнатоста е голема, очекувањата на обете страни енормни. Но, никој тука нема да настапи многу самоуверено. Поради тоа, едноставно треба да се најде оптималната подготовка и смеса од концентрација и опуштеност – тогаш ќе видиме како ќе испадне” – вели Михаел Балак, еден од играчите врз кого лежи голем товар и кој веќе подолго време е на удар на критиките.

Но, ни Холанѓаните не се во подобнра ситуација од Германците - не се испратени на првенството на континентот со голема верба во нив од страна на тамошната фудбалска јавност. “Истото е и во Холандија. Никој не верува во нас. Ние загубивме две средби и во моментов работите се малку негативни. Но, ние сме добар тим и можеме да излеземе на крај со притисокот, тое не е проблем”, вели спроти утрешната средба голгетерот Руд ван Нистелрој.