1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секогаш на трагата на корупцијата

Ралф Борхард/ Симе Недевски1 март 2014

Граѓаните на БиХ со недели демонстрираат против неспособните и корупмирани политичари. Многу случаи на корупција, кои ги разлутија граѓаните, открија новинарите од Центарот за истражувачко новинарство од Сараево.

https://p.dw.com/p/1BH4F
Фотографија: CIN

На улиците на Сараево, Зеница, Мостар и Тузла и натаму секојдневно протестираат по стотици луѓе. Граѓаните се лути поради распространетата сиромаштија и политичарите кои бесрамно се богатат: „Политичарите не сакаат Босна да стане модерна и уредена држава. Тие сакаат само моќ и пари“, вели Махир Шахиновиќ.

Шахиновиќ е новинар во Центарот за истражувачко новинарство во Сараево (ЦИН), кој се финансира со пари од ЕУ и САД, и е единствен од ваков вид во БиХ. Мнозинството медиуми во земјата се зависни од политичките партии или богатите бизнисмени. Десетте новинари кои работат во ЦИН се независни. Своите текстови ги објавуваат на интернет и досега се повеќепати наградувани. Во фокусот на нивната работа е корупцијата во земјата.

Главната уредничка на ЦИН, Рената Радиќ-Драгиќ вели дека секојдневно некој се јавува во ЦИН и достава информации за пропусти и грешки кај полицијата, правосудството или политичарите. „Горди сме што откривме многу случаи. На пример, поранешниот премиер Неџад Бранковиќ мораше да поднесе оставка бидејќи станот го купил за смешно ниска цена“, вели Радиќ-Драгиќ која истакнува дека во ЦИН работат најдобрите.

Mahir Sahinovic Journalist aus Bosnien
Махир ШахиновиќФотографија: CIN

Политичарите се залагаат за етнички поделби

Шахиновиќ ја објави приказната за еден увозник на пилешко месо од БиХ, кој преку пријател на министерот за земјоделство без да плати данок го увезувал месото во земјата. Тоа е само една од бројните приказни кои предизвикаа ерупција на бес, кој кај граѓаните на БиХ се собирал со години. За разлика од 45 насто невработени во земјата, во удобни фотелји седат препотентни чиновници, кои имаат големи плати: „Дури и ако во јавноста се дознае за корупција, сторителите практично никогаш не се осудуваат“, вели Шахиновиќ и додава: „Овде во Босна и Херцеговина, луѓето кои имаат каква било власт, никогаш не завршиле во затвор поради корупција. Никогаш“.

Прашање е дали промените ќе променат нешто. „Политичарите за првпат по 1995. година се уплашија. Промените ќе дојдат полека“, вели Шахиновиќ, кој зборува германски јазик, бидејќи за време на војната во БиХ живеел и одел на училиште во германскиот регион Алгој. На есен во БиХ се избира нов парламент. Многу политичари играат на старата карта на етничка поделба на Бошњаци, Хрвати и Срби.

Journalisten in Bosnien CIN Zentrum für investigativen Journalismus
Новинарите од Центарот за истражувачко новинарство во СараевоФотографија: CIN

Граѓанскиот пленум носи промени

Шахиновиќ вели дека граѓаните во БиХ нема да поддржат таков курс. „Кога во БиХ разговарам со обичните луѓе забележувам дека говориме ист јазик и оти имаме исти идеи. Но кога ќе ги чуете политичарите, тогаш добивате впечаток дека луѓето овде се мразат“, вели Шахиновиќ.

Тој и неговите колеги во најмала рака успеаја да остварат една промена. Новинарите на ЦИН објавија информации дека министрите кои на почетокот на протестите поднесоа оставки, имаат уште една година право да примаат полна плата. Собранието на кантонот Тузла на барање на граѓанскиот пленум ја укина таквата привилегија. За слично нешто се дискутира и во Сараево. Ова на Шахиновиќ му дава надеж дека протестите на крајот сепак ќе натераат многумина на размислување.