1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саркози без успех во Москва

Горан Чутаноски9 септември 2008

Претседавачот со ЕУ, францускиот претседател Никола Саркози денеска во Москва побара од домаќинот, рускиот претседател Дмитри Медведев потполно придржување до мировниот договор во шест точки.

https://p.dw.com/p/FDZG
Кренатиот прст нема многу да му помогне: претседавачот на ЕУ Саркози во разговор со рускиот Претседател МедведевФотографија: AP


„Токму договорот во шест точки мора да биде потполно реализиран“, нагласи Никола Саркози на почетокот од разговорите со шефот на Кремљ, Дмитри Медведев. Франција дури го застапува мислењето дека Русија мора да се повлече што е можно побрзо на линиите пред почетокот на грузиската војна на 6. август. Но, министрите за надворешни работи на ЕУ на средбата во Авињон донесоа заедничка линија, според која од Русија се бара повлекување само од централното подрачје на Грузија.

Разлики во толкувањето

Но, руската страна го оправдува стационирањето на воените единици во т.н. тампон зони околу Абхазија и Јужна Осетија со воено стратешки мерки на претпазливост. Претседателот Дмитри Медведев на Саркози уште на дочекот му порача дека неговата земја веќе се придржува до планот од шест точки. Европските експерти во меѓувреме открија дека во рускиот превод на планот има мала, но суштинска разлика што ги оправдува ваквите разлики во толкувањата. Во рускиот документ, имено во точката 6. стои дека треба да се водат меѓународни преговори за безбедноста „на“ Абхазија и Јужна Осетија, а не „во“ двата отцепени региона.

Москва против набљудувачка мисија на ЕУ

Официјална Москва денеска се покажа непопустлива и во врска со втората важна точка од дипломатската мисија на европската тројка, имено идејата за стационирање европски набљудувачи во Грузија. Руското Министерство за надворешни работи го отфрли европскиот предлог, објаснувајќи дека со тоа би дошло до непотребно рацепкување на меѓународните набљудувачки мисии. Европејците треба да се вклучат во мисиите на ОН и на ОБСЕ, а не да бараат одвоена мисија. Освен тоа Европејците можат да се погрижат и за меѓународна полициска мисија под раководство на ОБСЕ – порача портпаролот на Министерството за надворешни во Москва.

Грузија и Русија во процес пред Меѓународниот суд

Денеска (08.09.2008) во Хаг почна и процесот пред Меѓународниот суд во кој Грузија ја обвинува Русија за кршење на меѓународното право. Шефот на грузискиот Совет за безбедност Александар Ломаја вели: „Имавме јасен избор или да се предадеме или да се бориме. Се решивме за второто. На воен план изгубивме, но на политички не сме поразени бидејќи целиот свет стана свесен за руската закана.“

Грузија исто така и’ префрла на официјална Москва за етнички чистења во отцепените региони Абхазија и Јужна Осетија. Според грузиски извори од почетокот на воените дејства биле протерани 150.000 грузиски граѓани. Русија напротив им префрла на грузиските сили насилство и малтретирање над негрузиските малцинства и етничко чистење во Јужна Осетија.