1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саркози ги зеде Ромите „на пик“

29 јули 2010

Франција планира построго да се справува со Ромите, вмешани во криминални активности. Претседателот Никола Саркози вчера соопшти дека властите планираат да ги намалат нелегалните кампови во кои живеат Роми.

https://p.dw.com/p/OXIN
Фотографија: AP

На францускиот претседател Никола Саркози, премиерот Франсоа Фијон и уште пет други министри вчера им беа потребни само деведесет минути за да го договорат акциониот план. Од шестотини нелегални ромски кампови низ државата, до оваа есен полицијата треба да расчисти најмалку половина. Министерот за внатрешни работи Брис Ортфу пред Елисејската палата во само две минути ги образложи и останатите чекори. Нивната цел не е да се шиканира целата ромска заедница, истакна министерот, додавајќи: „Ќе испратиме десетмина даночни инспектори во овие диви и нелегални населби, со цел да ги проверат личните примања на нивните жители. Французите некогаш со право се полни со прашања, кога ќе видат какви автомобили ги влечат ромските приколки.“

Ромите, кои се вмешани во криминални активности, треба да бидат депортирани во Бугарија и Романија. За таа цел ќе има размена на полицајци меѓу Бугарија и Романија и Франција. Во предизборната кампања во 2007 година, внатрешната безбедност на Франција беше централна тема за Никола Саркози. Меѓутоа сега ромската заедница го обвинува дека воведува паушални казнени мерки.

Во Франција живеат четиристотини илјади лица, кои во жаргонот на властите се регистрирани како „чергари“. Оваа група на луѓе постои од седумдесетите години и скоро 95 проценти од нив поседуваат француско државјанство.

Полициските рации не се решение

Bildgalerie Ursachen von Armut: Krieg
Половината од ромските населби треба да исчезнат до есенФотографија: picture alliance/dpa

Алис Жануел, на пример, ги застапува „чергарите-католици“. Таа укажува на немирите пред две недели, кои се разгореа откако еден млад Ром беше застрелан од полицијата, поради тоа што се обидел да ја избегне полициска контрола. Жануел вели дека непосредно по ова му напишала писмо на претседателот Саркози, молејќи го за средба. „Полициските мерки нема да ги решат проблемите. Мора да се трага по причината. Младите Роми се однесуваат агресивно, затоа што се чувствуваат подредени, дискриминирани и затоа што гледаат дека законите, кои се донесени во корист на нивната заедница, едноставно не се спроведуваат.“

Адвокатот Ори Браун ги застапува интересите на Ромите. „Имаме впечаток дека во последниве години во Франција се разви расистичка политика, насочена против Ромите. Одлучни сме да се бориме против ова, па дури и со највисоките државни авторитети.“

Сите организации за човекови права ја осудија новата одлука на француската влада. Тие ја обвинуваат Елисејската палата дека одново ги оживува старите расистички предрасуди. За припадниците на ромската заедница ова е еднакво на објавување на војна.

Автор: Јоханес Духров/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска