1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саркози и Меркел: времето за Грција истекува

6 февруари 2012

Францускиот претседател Никола Саркози ја повика Грција сериозно да ги почитува своите обврски кон меѓународните лидери, предупредувајќи дека за неа не останува време.

https://p.dw.com/p/13xvn
Заедничка порака од лидерите на најголемите економии во еврозонатаФотографија: Reuters

„Грците презедоа обврски и мораат сериозно да ги почитуваат. Нема избор, времето истекува. Прашање на денови е и мора сега да постигнеме заклучок“, рече Саркози по средбата во Париз со германската канцеларка Ангела Меркел. Тие рекоа дека Атина треба да ги блокира своите исплати на камати на посебна сметка за да осигура дека ќе може да ги сервисира своите долгови.

Меркел предупреди дека Грција нема да може да добива повеќе помош од ЕУ за справување кризата, се додека не постигне договор со Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд за затегнување на својот буџет. Меркел рече и дека таа и Саркози, како лидери на двете најголеми економии во еврозоната, ќе останат единствени во одредувањето на пристапот кон Грција.

Грција не го испочитува рокот за договор

Griechenland Finanzkrise Parlament beschließt Sparhaushalt 2012 Ministerpräsident Lukas Papademos
Лукас Пападимос се обидува во последен момент да постигне договор со ЕУ, ММФ и ЕЦБ, како и со политичките лидери во земјатаФотографија: dapd

А, Европската комисија денеска ја предупреди Грција дека веќе доцни со исполнувањето на барањата на Брисел за политички договор за ново обликување на својата економија.

„Вистината е дека го минавме крајниот рок. Атина живееше над своите можности многу долго време“, укажа Амадеу Алтафаж, портпаролот на комесарот Оли Рен.

Грчкиот премиер околу пладне состана со претставници од ЕУ, Европската централна банка и ММФ, а потоа треба да се сретне и со раководството на грчките социјалисти, конзервативци и крајно десничарски партии.

Грција во последен момент се обидува да ги заврши тринеделните преговори за избегнување на историски банкрот во средината на март, што би можел да ја разниша 17 члената еврозона и веројатно би го попречило глобалното економско опоравување.

Партиите од коалиционата влада ги одржуваат ургентните разговори втор ден по ред, откако преговорите од викендот не донесоа пробив неопходен за избегнување на банкротот. Сите партии јавно се противат на кратења во приватниот сектор, кои ги бара еврозоната и ММФ, но нивната поддршка е неопходна за владата да постигне договор за новиот пакет помош, што мора да биде одобрен и од грчкиот парламент.

Утре нов штрајк во Атина

Proteste und Generalstreik in Griechenland
Во Атина утре ќе има нов 24 часовен штрајк против мерките за штедењеФотографија: dapd

Во меѓувреме двата најголеми синдикати во земјата за утре (07.02.) повикаа на 24 часовен генерален штрајк против новите мерки на штедење. Тие тврдат дека платите треба дополнително да се скратат за 20 до 30 проценти, иако претходно веќе беа направени кратења. Протесниот марш треба да се одвива низ центарот на Атина.

Инаку, ММФ бара кратење за 20 проценти на минималецот од 750 евра, 15 проценти во дополнителните пензии и намалување на бројот на јавните административци за 15 000.

Земјата заглавена во долгови се одржуваше солвентна од мај 2010 година со исплати на 110 милијарди евра меѓународен пакет помош за спасување од кризата. Кога стана јасно дека парите не се доволни, во октомври минатата година се донесе одлука за втор пакет помош. Но, добивањето на помошта зависи од мерките на штедење и од исходот од разговорите и другите приватни кредитори, кои би требале да и’ заборават на Грција 100 милијарди од нејзиниот долг.

Автор: Александар Методијев /СН/дпа/афп

Редактор: Борис Георгиевски