1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саркози против Оланд

Дафне Гратвол / Елизабета Милошевска Фиданоска6 мај 2012

Денеска (06.05) се одржува вториот круг од претседателските избори во Франција. Противниците се бореа до последен момент, особено Никола Саркози. Но, се чини, тешко дека ќе му ја земе победата на Оланд.

https://p.dw.com/p/14off
Фотографија: Reuters

Двајцата кандидати, Никола Саркози и Франсоа Оланд, се борат пред се‘ за гласовите на маргините на партискиот спектар. На десниот крај се тоа 18 проценти гласови, кои Марин Ле Пен од Националниот фронт ги освои во првиот круг избори. За гласовите на избирачите кои ја симпатизираат десницата се бори пред се‘ Никола Саркози. Тој би морало да освои околу две третини од гласовите дадени за Националниот фронт за да успее да го победи Франсоа Оланд. Речиси невозможен потфат. Марин Ле Пен во вторникот (01.05) побара од своите приврзаници во знак на протест да не гласаат. Сепак, Саркози ќе се обиде и покрај се‘. Тој исклучи можност за соработка со Националниот фронт, но се служи со темите и со речникот на десните екстремисти. Дел од тоа е и договорот на францускиот министер за внатрешни работи Клод Геан и неговиот германски колега Ханс-Петер Фридрих за промена на Шенгенскиот договор.

Клер Демесмеј ја води програмата за Франција и германско-француските односи при Друштвото за надворешна политика во Берлин. Таа вака ја објаснува темата „Шенген“ која постојано ја имаше во изборната кампања на Саркози: „Многумина Французи стравуваат од глобализација, стравуваат од отворени граници.“ Саркози се зафати со темата Шенген за на своите избирачи да им пренесе: „Европа за нас мора да значи заштита. Ние не се плашиме од Европа, но ние како Французи сакаме да влијаеме врз она што Европа треба да биде.“

sarkozy tv-duell
Никола СаркозиФотографија: reuters

Идеолошка дезориентација?

Тешкото за Саркози, како што оценува Демесмеј, е тоа што не му се потребни само гласовите од конзервативниот и десниот политички камп, туку и оние на приврзаниците на политичарот на центарот - Франсоа Бајру. „Тоа се луѓе што се интересираат за европските прашања, кои по правило се отворени кон Европа и се за поголема интеграција. Тоа за Саркози е кавадратура на кругот.“

Партијата на Саркози се залагаше за соработка со Бајру, но тој најави поддршка за Оланд. На таква соработка и‘ одговара залагањето на Саркози за Пакт за пораст во Европа, изразено на крајот на април. Таков пакт Оланд бара одамна. Поради ваквите скокови од десно кон лево, левоориентираниот весник „Либерасион“ зборува за „идеолошка дезориентација“.

Оланд останува на неговиот Пакт за пораст, што го бараат многу европски држави. Жак Пјер Гужон, директор за истражувања на парискиот Институт за меѓународни односи и стратегии и советник на социјалистите, вака ја опишува позицијата на Оланд: „За Оланд е важна политиката на контрола на задолжувањето, исто како и напорите на земјите членки во делот на економијата.“ Но Европа не може само да штеди, вели советникот: „Европа мора да донесе и мерки за пораст, за вработување и иновации, а тоа сега го нема.“

Дел од набљудувачите стравуваат дека Оланд сосема би можел да ја преврти европската политика во должничката криза. Но и тој нема да може по изборите да ги спроведе сосема предизборните ветувања, пред се‘ не оние околу нови преговори за Фискалниот пакт, убедена е Клер Демесмеј: „До тоа нема да дојде, зашто тоа нема да го прифати Ангела Меркел. А таа и не е единствената. Има многу земји кои се против нови преговори.“

Rededuell Francois Hollande
Франос ОландФотографија: Reuters

Многу бргу ќе мора да почне дискусија за она за што сега се молчи

Темите кои навистина ги окупираат граѓаните на Фрација останаа нечепнати во изборната кампања - намалување на долговите, зајакнување на конкурентноста на индустријата и борба против големата невработеност на младите. Но будењето ќе следи веднаш по парламентарните избори во јуни, прогнозира Изабел Буржоа од „Центарот за истражување и информации за германската економија и општество и за германско-француските односи“: „Зашто, рејтинг агенциите се ’на готовс’ и тогаш во игра ќе биде тројното А за Франција.“ Тогаш многу бргу ќе треба да почне дискусијата околу она за што сега не се зборува, вели Буржоа: „Како да се модернзиира Франција, како стопанството да се доведе повторно на вистински колосек?“