1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300112 Frankreich Sarkozy

30 јануари 2012

Францускиот претседател Никола Саркози ги претстави плановите за реформа на пазарот на труд и за воведување данок за трансакции. Иако официјално повторно не ја објави кандидатурата, во фокусот му се претседалските избори

https://p.dw.com/p/13syj
Никола Саркози во неделното интервју за шест француски телевизииФотографија: picture-alliance/dpa

Новинари од шест телевизии, меѓу нив и двете најголеми француски телевизии, го интервјуираа претседателот во Елисејската палата. Темата ја одреди самиот Саркози - невработеноста во Франција.

„Ако дополнителните трошоци за плати кај нас се поголеми отколку кај нашите соседи, како тогаш ќе ги одржиме работните места?“, праша Саркози.

Пред две недели Саркози ги повика социјалните партнери за со нив да разговара за различните решенија. Интервјуто служеше да им ги соопшти новите одлуки на Французите 80 денови пред претседателските избори. Пред се’ работодавачите би требало да плаќаат 13 милијарди евра помалку за социјални трошоци.

„Тие 13 милијарди ќе ги финансираме преку две мерки: зголемување на данокот на додадена вредност за 1,6 насто и зголемување на данокот на приходи од пазарите на капитал. Оние добростоечките мора да се влучат во целата работа“, рече Саркози.

Франција прва воведува данок на финансиски трансакции

Sarkozy TV-Interview
ТВ-интервјуто на СаркозиФотографија: dapd

Покрај тоа, Франција од август, како прва земја од еврозоната, ќе воведе и данок на финансиски трансакции, а Саркози ја одреди и стапката од 0,1 насто.

Саркози во најголемиот дел од своите предлози се повикува на т.н. Агенда 2010 за реформа на пазарот на труд на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Саркози во интервјуто постојано ја користеше Германија како земја за споредба, со оглед на значително пониската стапка на невработеност и на ниските социјални издатоци.

Повеќето Французи сакаат да знаат дали Саркози ќе се кандидира на претседателските избори. Но, тој одговорот го одложи за подоцна. Последниот рок за пријавување на кандидатурата е 16-ти март.

Според последните анкети, во минативе месеци Саркози доста заостанува зад кандидатот на социјалистите Франсоа Оланд.

Со сесрдна помош од Ангела Меркел

Frankreich Wahl Wahlen Bildkombo Francois Hollande Nicolas Sarkozy
Франсоа Оланд, кандидат на социјалистите и Никола Саркози, најверојатно кандидат за реизбор за француски претседателФотографија: picture-alliance/dpa

Во случај да се кандидира, Саркози ќе има една сигурна поддржувачка - германската канцеларка Ангела Меркел. Се планира таа дури да одржи говор за време на претседателската кампања на Саркози, објавија од нејзината партија - Христијанско демократската унија.

Досега не се случило германски канцелар со говори и настапи во странство да учествува во изборна кампања на други. Меѓутоа, на последните парламентарни избори во Германија во 2009-та година, Саркози говореше како гостин на партијата на Меркел и таа сега ќе се реваншира за таа услуга.

„Госпоѓата Меркел има огромно реноме во Франција“, тврди политикологот Јоханес Бекер. Според една студија на францускиот Институт за истражување на јавното мислење ИФОП, Меркел од гледна точка на Французите е типична претстава за секој Германец - грижлив, сериозен, коректен и дисциплиниран во работата. Се чини дека тоа поминува кај Французите и Саркози сака да оствари полза за себе.

Автор: Јоханес Духро / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска