1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиска Арабија: Партнер на Западот и извозник на терор

Ребека Меј/ Жана Ацеска11 февруари 2013

Саудиска Арабија сака да биде партнер од доверба за Западот. Но, многумина Саудијци поддржуваат терористи на Блискиот и Средниот Исток. Земјата ја растргнуваат противречни интереси.

https://p.dw.com/p/17bpr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Жени забулени од глава до петици си купуваат џинс во луксузни бутици, небото го параат футуристички облакодери, додека во други згради судиите досудуваат камшикување на луѓе. Саудиска Арабија е земја на противречности. Меѓу другото и поради тоа што вахабизмот, исклучително конзервативна форма на исламот, е државна религија. Поради своите верски убедувања многумина Саудијци поддржуваат исламистички терористи, кои со насилство се борат против западните вредности.

„Ако мислат дека е тоа по волја на Бога, клановите, но и богати поединци, ги поддржуваат терористите“, го објаснува протокот на пари директорот на ГИГА, Институт за блискоисточни студии, Хенер Фиртиг.

Според документ од американското министерство за надворешни работи, кој го објави Викиликс, терористичките организации како Ал Каеда од никоја друга земја не добиваат толку пари колку од Саудиска Арабија. Овие групи од саудиски извори добиваат веројатно „повеќе милиони долари годишно, често за време на Рамазан“, се вели во документот. Саудиската влада навистина се обиде да го спречи контактот на Ал Каеда со саудиските донатори. Но, државата малку направи против финансирањето на талибанците во Авганистан и други групи. Фиртиг смета дека на кралската куќа не и‘ е лесно:

„Во некои случаи изгледа како кралската куќа да не сака да го спречи финансирањето на терористички групи, во некои не може да го направи тоа“.

Земјата се наоѓа меѓу два стола, зашто е сојузник на западните држави.

Saudi Arabien Shopping Luxus Mall
Забулени жени во трговски центар во РијадФотографија: Patrick Baz/AFP/Getty Images

Милијарди долари саудиски инвестиции во САД

Државите како САД ја ценат Саудиска Арабија и покрај ваквите преплетувања.

„Прво, поради тоа што таа е најбогата земја со суровини на Блискиот и Средниот Исток“, објаснува Фиртиг во разговор за Дојче веле.

Второ, Кралството од 1945 година е силен и доверлив партнер, не постојат постојани промени на владата и бунтови. Освен тоа, Саудиска Арабија ги поддржува авторитарните владетели во соседните земји и со тоа го стабилизира регионот. Кралството има добра стратешка положба во Заливот, се наоѓа блиску до терористичките упоришта Пакистан и Јемен. САД го користат тоа и во Саудиска Арабија стационираа вооружени беспилотни летала за убивање на терористите во околните држави.

Истовремено, Саудиска Арабија не може да си дозволи да ги одбијат САД со екстремни ставови, Саудијците имаат инвестирано околу 600 милијарди долари во САД, објаснува Фиртиг. Затоа, ним им е во интерес економски успех на Америка и земјата да не биде потресувана како со атентатот од 11 септември 2001 година. Од тогашните 15 атентатори, 15 потекнуваат од Саудиска Арабија. Добрите односи на Кралството со САД навистина не се по волја на сите Саудијци, но се прифаќаат.

„САД не се многу омилени кај сите Саудијци, но тоа не игра никаква улога за надворешната политика на владата“, вели политикологот Ф. Грегори Гаузе од вашингонскиот тинк-тенк „Брукингс институшн“ во интервју за Дојче веле. Саудиската влада и кралот Абдула радо се презентираат како отворени кон светот и напредни.

Непочитување на човековите права

Кралот влезе во историјата со средбата со папата Бенедикт Шеснаесетти во 2007 година. Тоа беше првпат еден саудиски крал да посети еден папа. Средбата требаше да покаже: ние ги толерираме другите религии. Но, во сопствената земја тоа не е токму така. Амнести интернешнл во годишниот извештај пишува:

Karte Saudi-Arabien englisch
Саудиска Арабија е опколена од земји кои важат за терористички упориштаФотографија: DW

„Судовите повторно досудуваат сурови, нечовечки и понижувачки казни, кои и се извршуваат, пред се‘ камшикување. Жените и девојчињата се и натаму силно дискриминирани и трпат насилство како во секојдневието, така и преку законодавството“.

Стотици луѓе, учесници во протестни акции, се уапсени.

„Земјата се растргната меѓу две противречни струења“, објаснува експертот за Блискиот Исток, Фиртиг. Кралот Абдула, кој има 88 години, досега добро ја балансираше ситуцијата преку компромиси. Не постои голем конфликт на владата со поддржувачите на терористичките групи.

„Мислам дека луѓето кои ги финансираат организациите, на пример во Сирија, не мислат дека се во конфликт со режимот. Тоа е противречност кон надворешната политика на Кралството, но не ја доведува во прашање самата влада“, истакнува Ф. Грегори Гаузе. Не е многу веројатен ниту бунт против авторитарниот режим:

„Најголем дел од саудискиот народ е мирен, додека во останатиот арапски свет врие“, вели експертот. Една од причините е тоа што опозицијата, составена од сунити и шиити, едноставно не успева да ги надмине различните религиозни гледишта.