1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудијците повторно сакаат германски тенкови

ЖА/дв/дпа/афп/ртре30 декември 2012

Саудиска Арабија не се откажува од купувањето германско оружје. Според медиумски извештаи, Саудијците се интересираат за посебен вид тенкови произведени во Германија.

https://p.dw.com/p/17BHr

Весникот „Билд ам зонтаг“ известува дека исламското кралство сака прво да купи 30 тенкови од типот „Динго 2“ за 100 милиони евра, а долгорочно е заинтересирано за до сто примероци.

Сојузниот совет за безбедност под раководство на канцеларката Ангела Меркел сигнализирал согласност, на тој начин отворајќи го патот за преговори на производителот Краус Мафаи Вегман и Брукер Далтоник од Лајпциг со Саудијците. Но, зделката се‘уште не е одобрена, се дознава.

Тенковите „Динго“ (на фотографијата) , опремени за извидување при напади со атомско, биолошко и хемиско оружје (АБЦ) треба да ги заменат тенковите од типот „Фукс“, кои Тисен во 1991 година им ги испорача на Саудијците, пишува „Билд ам зонтаг“. Со купувањето на овие тенкови Саудиска Арабија сака да се подготви во случај на стравуваниот напад од Иран.

Зделките со оружје со авторитарно владееното кралство се исклучително спорни поради прекршувањата на човековите права кои се вршат таму. Канцеларката Меркел на почетокот на декември се изјасни во врска со оваа тема. Во телевизиско интервју Меркел изјави дека одлуката за зделки со оружје секогаш се донесува со претходно вагање на прашањата за човечките права и стабилноста. Со некои заливски држави Германија одржува „стратешко партнертсво“, зашто иранската нуклеарна програма се сфаќа како „ многу сериозна закана“, истакна Меркел.

Лани од Германија било извезено во Саудиска Арабија оружје во вредност од 30 милиони евра, а дозвола е дадена за извоз од дури 140 милини евра.

Саудиска Арабија е апсолутистичка монархија и важи за центар на исламскиот фундаментализам. Човековите права се во втор план поради исламското, шаријатското право. Жените се нерамноправни, тие не смеат да возат ни автомобили.