1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

151210 WikiLeaks-Anhänger Internet

17 декември 2010

Притисокот врз интернет-платформата „Викиликс“, што се занимава со објавување на доверливи документи, предизвика досега невидено мобилизирање на интернет-корисниците. Тие бараат почитување на правото на слободно мислење.

https://p.dw.com/p/QdAh
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Здраво! Ова е порака од групата ’Анонимни’“, се вели во видео-снимка на интернет-демонстрантите. „По многуте напади врз ’Викиликс’, се бориме за правото на слободно изразување на мислењето!“

Во виртуелните протести учествува и њујоршката интернет-платформа „авааз.орг“. Петицијата за ослободување на Асанж ја потпишале преку шестотини илјади лица:

„Сметам дека секој што разумно размислува не го оправдува тоа што Џулијан Асанж објави толку многу информации. Сигурно не би го поканиле на вечера, меѓутоа мислам дека повеќето се согласуваат дека мора да се почитува правото на слободно искажување на мислењето. Асанж не ги украл доверливите информации, туку само ги објави, и тоа заедно со угледни весници како ’Њујорк тајмс’ или ’Гардијан’“, истакнува Рикер Пејтел, шефот на „авааз.орг“.

Преку интернет до влијание во светот

Julian Assange London Gericht Wikileaks
Судот во Лондон го ослободи Асанж од притвор, по платената кауцијаФотографија: picture alliance/dpa

Речиси секоја секунда до редакцијата на интернет-страница пристигнуваат нови електронски пораки од поддржувачите на Асанж ширум светот. Барем нејзините основачи се убедени: тужбата против основачот на „Викиликс“ стои на стаклени нозе. Протестите што се одвиваат на интернет се најмодерниот начин да се искаже незадоволството:

„Преку интернет се прават бизниси, преку интернет се продава музика. Затоа и активистите и луѓето кои се интересираат за политиката, исто така мора да бидат онлајн. Со интернетот се` се одвива побрзо, и тоа е добро. На тој начин стекнуваме поголемо влијание во светот.“

Приврзаниците на „Викиликс“ да се третираат праведно

Меѓутоа, токму тоа што преку интернетот се врши влијание врз политиката, не им се допаѓа на многу Американци. Познатиот американски автор Ралф Петерс за конзервативниот телевизиски канал „Фокс њуз“ истакна:

Wikileaks Symbolbild
Преку интернет се` поголемо влијание врз политикатаФотографија: picture-alliance/dpa

„Џулијан Асанж е сајбер-терорист во војна. Виновен е за шпионирање и за прекршоци против човештвото. Всушност, би требало да биде убиен!“

Меѓутоа, шефот на интернет-порталот „авааз.орг“, Рикер Пејтел, порачува дека по најновите случувања, единственото решение е умереноста:

„Кога владите сакаат да посегнат по слободата на интернет, и тоа со екстремно остри мерки, тогаш постои опасноста оние, кои се разбираат од интернет, да се почувствуваат загрозено. Тогаш почнуваат да прават нелегални работи. Затоа е важно приврзаниците на ’Викиликс’ да бидат праведно третирани. Доколку тоа не е случај, тогаш тие ќе одговорат соодветно“, опоменува Пејтел.

Автор: Карстен Шабоски / Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски