1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СБ: Македонија создава ниско продуктивни работни места

ЖА/миа8 ноември 2013

Освен високата невработеност, според извештајот, и учеството во работната сила и понатаму е многу пониско од нивото на ЕУ, особено кај жените, со 50 проценти, се вели во извештајот на Светската банка за Македонија.

https://p.dw.com/p/1AE6c
Фотографија: DW/R. Wenkel

Солидниот раст и фискални перформанси на Македонија во последната деценија резултираа со намалување на невработеноста, иако нејзиното ниво сe уште останува високо со околу 30 проценти, се вели во новиот извештај на Светска банка „Назад на работа: Раст со работни места во Европа и централна Азија“.

Освен високата невработеност, според извештајот, и учеството во работната сила и понатаму е многу пониско од нивото на ЕУ, особено кај жените, со 50 проценти.

„Меѓу оние што работат, платите и продуктивноста се ниски. Македонија успеа да создава работни места и додека другите земји во регионот ги губеа, меѓутоа, повеќето од овие нови работни места се или ниско продуктивни или фискално скапи: 27,1 проценти од нето отворените работни места од 2007. година се во земјоделството, 13 проценти во трговијата на мало, а 19,7 проценти во јавниот сектор. Истовремено, и покрај високата невработеност, на фирмите често им е тешко да вработат работници со вистинските вештини“, констатира Светска банка, укажувајќи на потребата да се зголеми релевантноста на образовните резултати во однос на потребите на пазарот на труд.

Светска банка посочува дека Македонија веќе има спроведено важни реформи на пазарот на трудот, како што се намалувањето на ограничувањата на договорите на одредено време, намалувањето на персоналниот данок од доход и на социјалните придонеси и одделувањето на здравственото осигурување од пријавувањето на невработените.

Просечното ниво на образование продолжи постојано да се зголемува и уделот на возрасни лица (на возраст од 15 до 64 години) со завршено средно или повисоко образование, во периодот помеѓу 2007. и 2011. година порасна од 45 на 49 проценти. Сите овие промени, според Светска банка, се очекува да имаат позитивно влијание врз нивото на вработеноста. #b

„Подобрувањето на можностите за вработување е критично за подобри социјални и економски резултати во Македонија“, вели Татијана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Проскурјакова наведува дека Светска банка тесно соработува со Владата на Македонија на справувањето со прашањето на невработеноста и оти заедно се работи на анализа со која ќе се обезбедат информации за новата стратегија за вработување.

„Светска банка планира и да го финансира проектот за вештини и иновации, кој ќе и‘ помогне на Владата да го реформира финансирањето на високото образование и да го зајакне механизмот за обезбедување квалитетот, како и да ја подобри релевантноста на техничкото стручно образование и обука“, истакнува директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Според СБ, невработеноста во Европа и Централна Азија (ЕЦА) е висока и создавањето работни места е слабо и покрај импресивните реформски напори во многу земји во регионот и деценијата на силен економски раст пред кризата од 2009. година.

Во извештајот се препорачуваат активности во две главни области на политиките за да се отворат повеќе и подобри работни места во ЕЦА: - поставување темели за создавање работни места преку поволно макроекономско и деловно опкружување кое на постојните фирми им овозможува да растат, а на новите да се создаваат и да успеат или да пропаднат брзо и со ниски трошоци, и поддршка на работниците да ги искористат новите можности за вработување, имајќи вистински вештини и поттик за работа, непречен пристап до пазарот на труд и можност да се преселат во места со поголем потенцијал за создавање работни места.