1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот го поздравува договорот Кери-Лавров

Геро Шлис/Б. Георгиевски15 септември 2013

САД и Русија договорија план за уништување на сириското хемиско оружје, но остануваат многу отворени прашања, вклучително и најважното: дали светските лидери ќе се држат до дадениот збор?

https://p.dw.com/p/19hlW
Фотографија: Reuters

Договорот меѓу американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дојде како изненадување на кое малкумина се надеваа. Договорот беше врв на турбулентната недела која започна во Лондон со најавата на Кери дека сирискиот претседател Башар ал-Асад може да избегне воени напади доколку го стави своето хемиско оружје под меѓународна контрола во рок од една недела. Она во што Кери веројатно ни самиот не веруваше, сега стана можно, иако рокот од една недела е пролонгиран на шест месеци.

„Ова е пресврт“, вели Брус Ридел, експерт за Блискиот исток од Институтот Брукингс во Вашингтон. И Марк Џејкобсон од германскиот Маршалов фонд смета дека треба да се поздрави одлуката на американскиот претседател Барак Обама, кој ги ставил „националните и меѓународните интереси, пред неговите лични политички интереси“.

Според Ридел, американско-руската соработка е „голем успех за Обама и Владимир Путин, и покрај тоа што е јасно дека имплементацијата на договорот ќе оди многу тешко“.

Во саботата, весникот Вашингтон пост ја објави проценката на експерти од Стејт Департментот дека режимот во Сирија дистрибуирал повеќе од еден милион килограми хемиски супстанци на 45 различни локации низ земјата.

Syrien UN Experten für Chemische Waffen besuchen ein Krankenhus nach Giftgasangriff
Инспектори на ОН во СиријаФотографија: Reuters

И додека Ридел очекува дека Русите и Сиријците навреме ќе ја предадат бараната листа со залихи на хемиско оружје, пред Обединетите нации остануваат големи потешкотии.

„Најпрво“, вели тој, „тешко е да замисли како ОН ќе работат среде крвава граѓанска војна во Сирија“. Од Асад ќе се бара да ја гарантира безбедноста на инспекторите, но дел од бунтовниците, особено оние од редовите на Ал Каеда, би можеле да ги напаѓаат претставниците на ОН.

„Тоа е тешкиот дел. Путин веројатно и очекува такви акти на саботажа. Тоа ќе го претстави Асад како одговорен и умерен“, заклучува Ридел.

Обама спасен во последен час

Што се однесува до американската внатрешна политика, факт е дека договорот му овозможува и на Обама да прогласи победа на неговата стратегија која придонесла за дипломатско решение со „закана од употреба на воена сила“. Во Вашингтон се очекуваше тежок пораз на Обама во Конгресот доколку гласањето за воен удар врз Сирија дојдеше на дневен ред.

Barack Obama USA Syrien-Konflikt Treffen im Senat 10. September
Барак ОбамаФотографија: picture-alliance/dpa

„Обама имаше среќа со својата прагматичност и мудро постапи што ја прифати понудата на Путин“, смета Ридел.

Марк Џејкобсон вели дека во наредниот период клучна ќе биде поддршката која Обама ќе ја добие од своите европски сојузници во врска со Сирија. „Резолуцијата во ОН ќе пропадне доколку не добие поддршка од ЕУ и НАТО, и доколку договорот не се услови со употреба на воена сила“, вели Џејкобсон.

Договорот Кери-Лавров досега доби честитки од целиот свет. Претседателот Обама соопшти дека заканата од употреба на воена сила останува, доколку дипломатијата не успее. ОН соопштија дека ги добиле сите неопходни документи за присоединување на Сирија кон Конвенцијата за забрана на хемиското оружје и оти договорот ќе стапи во сила на територијата на земјата на 14 октомври.