1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Светот на слепите не е свет на темнината, туку обичен свет“

15 октомври 2011

Комјутерската технологија и овозможи на младата Милица Трпевска од Тетово да напредува и покрај хендикепот. Девојката, које е родена слепа по завршениот факултет амбициозно чекори низ животот кон нови предизвици.

https://p.dw.com/p/12sVf
Компјутерот - значајна помош во образовниот процес на Милица ТрпевскаФотографија: DW/Sveto Toevski

Во Македонија има 2.500 слепи лица евидентирани во нивниот сојуз, но, точната бројка не ја знае никој. Овие луѓе ги живеат своите животи на различни начини, без некоја особена помош од државата. Македонија е една од ретките земји во светот каде што нема синтетизатори на глас на македонски јазик за компјутерите, така наречени „читачи на екран“, што би претставувало огромна помош за слепите лица. Затоа, тие се принудени да користат синтетизатори, кои го читаат на глас пишаниот текст на компјутерот на бугарски, или на српски јазик. Ним не им следуваат компјутери ниту компјутерски програми од Фондот за здравство.

Засега 119 слепи луѓе се вработени во земјата, а другите се борат на разни начини со својот хендикеп, во настојувањата да си обезбедат егзистенција. Меѓу нив има мнозина со впечатливи животни приказни, а таков е случајот и со 24 годишната тетовка Милица – Мими Трпевска. За себе таа вели: „Ја сум родена практично слепа. Гледам само светло и силуети, сенки. Ако ние самите ја сфатиме нашата инвалидност како пречка, тогаш таа навистина може да биде пречка. Меѓутоа, ако едно лице со инвалидност не ја сфати својата инвалидност како пречка, тогаш тоа ќе биде само како една состојба која што, едноставно, е тука и која нема да му пречи натаму во животот. Досега во животот напредував повеќе благодарение на компјутерската технологија. Тоа е гласовна синтеза, која се она што е напишано на екранот, значи, текстот, го претвора во звучен сигнал.“

Се изготвува споредбена анализа за ситуацијата на слепите лица во Македонија, Албанија и Црна Гора

Во мај минатата година таа се здоби со високо образование. Во врска со тоа и својот моментен ангажман посочува: „На Американскиот универзитет во Бугарија завршив новинарство и политички науки. Веќе работам и сега сум на еден привремен ангажман во проект, финансиран од Европската унија: работам како национален координатор на проектот 'Мрежа на застапеност на слепите лица на Западниот Балкан'. Ги истражувам проблемите на лицата со инвалидност. И јас, како лице со инвалидност, се интересирам за проблемите, со кои ние се соочуваме. Исто така, ги истражувам законските решенија како тие се регулирани, значи, што се планира да се направи на тој план. Овој проект го реализираме со сојузите на слепите лица во Албанија и Црна Гора. Се прави споредбена анализа за законските решенија во врска со застапеноста, образованието и вработувањето. Со овој проект започнавме во годинава во март и тој ќе трае до декември 2012.“

Gericht Gesetz Jura Hammer Waage
Правните науки предизвик за Милица ТрпевскаФотографија: fotolia/junial enterprises

Милица продолжува амбициозно да чекори низ животот: „Планирам да се запишам на магистратура по правни науки, дали во Соединетите Американски Држави, или во Англија. Мојата магистратура би ми дала лиценца да го практицирам правото како адвокат, или како експерт по право.“

„Мојата мисија продолжува“

Оваа слепа девојка не смета дека живее во свет исполнет со темнина: „Не го гледам мојот свет како свет на темнината, бидејќи тоа е еден синоним, барем како што јас го разбирам, на еден свет во кој што слепото лице се соочува со пречки, кои што тоа цело време мора да ги премостува. Не го гледам мојот живот како постојана борба со бариери и пречки. Навистина, има голем број пречки, но има и голем број на предизвици. Не гледам на животот како да е тоа нешто црно – бело, или дека секоја успешна борба со пречките е светлина во една постојана темнина, во која се наоѓам. Се надевам дека ќе се смени со време тој дискурс на медиумите и на луѓето воопшто кога зборуваат за лицата со инвалидност, па и за слепите. Дека нема да се зборува за слепите како за лица кои живеат во темнината и кои што наоѓаат светлина, туку оти ќе се зборува за нив како за лица кои нормално се борат со пречките во животот и кои што, исто така, и нормално живеат како и другите луѓе. Нашиот свет не е свет на темнината, туку еден обичен, нормален свет. Барем за мене не постои контраст меѓу темнина и светлина.“

Mlica Trpevska Tetovo Mazedonien
Милица Трпевска: мојот свет е полн со предизвициФотографија: DW/Sveto Toevski

Нашата соговорничка заклучува: „Мојата животна филозофија е да продолжам со моите успеси и со она што го работам, без разлика на мојата инвалидност. Да продолжам, да речам, со мојата мисија: со мојата дејност на секој начин сакам да ја подигнам јавната свест за животот и потенцијалот на лицата со инвалидност, не само на слепите, ама, добро, особено за слепите. За да нема бариера меѓу лицата со здрав вид и слепите. Тоа го правам поединечно личност по личност. Почнувам во мојата микросредина, од моето семејство и моите пријатели, а натаму со луѓето со кои работам и со кои се среќавам секојдневно.“

Несомнено, на оваа млада тетовка и на другите слепи лица во Македонија, за да можат да водат достоинствен живот им е потребна помош од сите институции на државата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска