1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120811 Staatsverschuldung

20 август 2011

Во последните 20 години задолженоста на светско ниво е зголемена за четири пати- на 95 илјади милијарди американски долари. Дали енормното задолжување е закана за светската економија или инструмент за економски пораст?

https://p.dw.com/p/12KDg
Фотографија: picture alliance/abaca

Развојот на најновата криза со презадолженоста на се’ поголем број земји во светот, меѓу нив и најмоќната - САД, се’ појасно покажува: вака веќе не може понатаму. Свеста за ова се пробива кај сите, само нема исто толку недвосмислен одговор за тоа, каде е излезот од оваа ситуација. И, не се сите земји неодговорни во однесувањето со сопствените финансии.

Пазарите им покажуваат жолт картон на државите

Турбуленциите на светските берзи јасно покажаа дека товарот од натрупаните долгови и нивниот драматичен пораст во последните две децении, предизвикува страв на финансиските пазари. САД во 1940 година имаа вкупен долг од 49 милијарди долари; денес тој изнесува 14,3 илјади милијарди, а во наредните месеци ќе се покачи за најмалку уште 2100 милијарди долари. Во Германија пред Втората светска војна долгот на државата изнесуваше 15 проценти од домашниот бруто производ; денес се 80 проценти. За финансиските пазари е важен тој сооднос: се’ додека заедно со долговите растат и економските постигнувања на земјата, тоа не предизвикува загриженост дека долговите можеби нема да бидат вратени. Но, загриженоста е сега насекаде присутна.

NO FLASH Symbolbild Schulden
Фотографија: fotolia/Gina Sanders

„Она што го доживуваме годинава има малку и историски призвук: финансиските пазари им покажуваат втор жолт, со тоа и црвен картон не само на поединечни земји од Третиот свет, туку и на големи индустриски земји сигнализирајќи им дека соодносот е премногу нарушен“, оценува Улрих Катер, главен економист на Декабанк.

Државите значи, едноставно кажано, живееле над своите можности. А тоа, пак, се должи пред се’ на ветувањата што политичарите им ги даваат на граѓаните, со надеж дека ќе ги придобијат нивните гласови на изборите. Граѓаните, навистина, со задоволство прифаќаат такви изборни подароци, но во меѓувреме и тие се загрижени поради последиците, смета Штефан Шнајдер, економист во Дојче банк.

„Кога државите толку многу се задолжиле, што граѓаните ја загубија довербата во фискалната стабилност или дури и во можностите на државата да ги врати долговите, тогаш тоа, се разбира, има многу негативни ефекти. Замисливо е и дека ако сега државите се вратат на вистинска патека, на пократко или подолго време ќе се врати довербата кај граѓаните и во стопанството и од таа страна може да дојде одредена компензација“.

Од државите се бара урамнотеженост

Но, по вистинскиот пат тешко се оди. Од државите се бара урамнотеженост, вели Улрих Катер од Декабанк.

„Дилемата се состои во тоа, дека финансиските пазари бараат побрзи акции, отколку што е воопшто миожно кај реалната механика на државниот долг. На државите, оттука, им преостанува само да се обидат да придобијат веродостојност со тоа што на финансиските пазари уверливо ќе им сигнализираат што сакаат да прават во иднина: да го намалат дефицитот, без на друга страна да го преоптоварат порастот со премногу силни програми за штедење. Се бара, значи, избалансиран курс на консолидација, кој нема да биде напуштен по една или две години, туку ќе им дава белег на наредните децении“.

Притоа цел и не е комплетно раздолжување, туку мора повторно да се изнајде разумна мера на државното задолжување и економската моќ. Во Договорот од Маастрихт не е случајно утврдено ограничување на тој сооднос на задолженост до 60 проценти од годишниот домашен бруто производ на земјата. Натамошно задолжување, сметаат економистите, води кон нарушување на економските текови и опаѓање на конјунктурата.

Eurobonds Euro Krise NO FLASH
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Набљудувачите е сигурни во тоа дека намалувањето на долговите мора да има највисок приоритет, оти во индустриските држави опаѓа и бројката на населението, а со тоа тенденцијата на опаѓање ќе има и кај приходите од данокот.

„Врз основа на европската криза со презадолженоста констатиравме дека префрлувањето на проблемите за во иднина во никој случај не ги решава нив, туку напротив, тенденцијата е тие да станат уште потешки“, вели Улрих Катер.

Економистите, значи, очекуваат тешки времиња - слично на зависници од дрога, мора да минат тешка фаза, за долгорочно да се ослободат од се’ ново и ново државно задолжување.

Автор: Бригите Шолтес/Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи