1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот тагува по Нелсон Мандела

ЖА/дв/дпа/афп/ртре6 декември 2013

Борецот против апартхејдот, првиот црн јужноафрикански претседател и носител на Нобеловата награда за мир, почина на возраст од 95 години. Бројни државници од светот ги истакнаа неговите заслуги за човештвото.

https://p.dw.com/p/1AU1r
Фотографија: Reuters

Мандела мирно починал во својата куќа во Јоханесбург од последиците на белодробното заболување, соопшти јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума.

„Нашата држава го загуби својот најголем син“, изјави Зума.

Мандела беше подолго време на интензивна домашна нега поради тешка инфекција на белите дробови, откако претходно помина три месеци на лекување во болница во Преторија. Тој ја предводеше мирната транзиција во Јужна Африка со префрлањето на власта од белото малцинство на црнечкото мнозинство во 90-те години на 20-от век, откако претходно во затвор помина 27 години.

По напуштањето на болницата во ретките официјални соопштенија за неговото здравје редовно се посочуваше дека здравствената состојба на Мандела е критична, но стабилна. Вчера првпат една од неговите внуки објави дека состојбата на нејзиниот дедо е тешка и дека тој практично е „на мртовечка постела“.

Stimmen und Reaktionen zum Tod Nelson Mandelas
Фотографија: Reuters/Mark Wessels

Мандела беше еден од највлијателните светски државници, но по повлекувањето од претседателката функција им ја остави политичката работа на своите наследници, а по 2004 година се повлече од јавниот живот на земјата и мошне ретко се појавуваше во јавноста. Во 1993 година ја доби Нобеловата награда за мир, а следната година беше избран за првиот црн претседател на Јужна Африка. На крајот на својот петгодишен мандат во 1999 година се повлече од функцијата и од политиката.

Во годините потоа, Мандела беше вистински амбасадор на новата јужноафриканска реалност, промовирајќи ја земјата низ светот. Тој учествуваше во кампањата против ХИВ/СИДА и за тоа Јужна Африка да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во 2010 година. Како почитуван државник, Мандела се вклучуваше и во мировните процеси во Конго и Бурунди, но и во другите делови од Африка и од светот.

Луѓето во расно измешаната Јужна Африка велат дека тој ќе остане запаметен како „татко на нацијата“, кој го урна системот на апартхејдот, изведе мирна транзиција, обединувајќи ги црните и белите жители и ја издигна земјата, која се наоѓаше на работ од граѓанска војна.

Мандела ќе биде погребен со државнички почести наверојатно идната сабота.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Мандела беше пример за сите луѓе. Светот загуби еден од највлијателните и најхрабри луѓе, рече Обама во Вашингтон. Генералниот секретар на ОН Бан Ки МУн го нарече Мандела „гигант за праведноста“: „Нелсон Мандела ни покажа што сѐ е можно за нашиот свет и за секого од нас поединечно, кога заеднички веруваме во праведност и човечност, кога сонуваме и се ангажираме за тоа.“

Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека политичкиот аманет на Мандела за воздржување од насилство и борба против секаков расизам уште долго ќе биде инспирација за луѓето во целиот свет.