1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот ја дочекува Новата Година

31 декември 2010

Жителите на малата островска држава Кирибати во Пацифичкиот Oкеан беа првите што ја дочекаа новата година. Точно во 11 часот според средно европско време беше означен почетокот на 2011 година. Спектакли има низ цел свет.

https://p.dw.com/p/zrx7
Фотографија: Fotolia/DeVIce

Со големи огномети и забави продолжува дочекувањето на новата година во правец на запад на земјината топка.

Во Нов Зеланд, 2011 започна во 12 часот по средноевропско време, во австралискиот град Сиднеј, пак, се славеше во 14 часот по средноевропско време, додека во Москва новата година ќе биде дочекана во 22 часот.

Последни на новите 365 дена ќе им се радуваат жителите на пацифичките островски држави Американска Самоа и Ниуе.

Еден милион луѓе се очекуваат на дочекот во Њујорк и Берлин

На најголемата новогодишна забава во САД се очекува годинава да присуствуваат близу еден милион лица. Традиционалниот дочек на Новата година на њујоршкиот Тајмс сквер ќе биде организиран под засилени мерки за безбедност.

Во германската престолнина Берлин за дочекот на 2011 година е најавен уште пораскошен огномет од лани. Во првите 14 минути од новата година предвидено е и 14 минутно ласерско шоу. И тука организаторите очекуваат најмалку еден милион посетители на традиционалната локација пред Бранденбуршката капија.

Silvester 2009 2010 / Deutschland / Berlin
Од дочекот на Новата 2010 година во Берлин пред Бранденбуршката капијаФотографија: AP

Во Велика Британија, пак, околу 250 илјади луѓе, најголемиот број жители на британскиот главен град, како и туристи од земјата и од странство, ќе се соберат вечерва на прославата под отворено небо во центарот на Лондон.

Покрај бреговите на Темза и околу големото тркало „Лондонското око“, отворено пред една деценија за одбележување на почетокот на новиот Милениум, луѓето ќе го очекуваат отчукувањето на полноќ на Биг Бен, а потоа ќе го следат традиционалниот голем огномет.

Хрватско шоу во Скопје

Дочек на новата година ќе биде организиран и на плоштадите во сите поголеми градови во Македонија. Највпечатливата забава ќе биде на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде новата година ќе биде дочекана со песните на хрватските пејачи Петар Грашо и Даниела Мартиновиќ, како и на македонските музичари Елена Ристеска, Кристина Арнаудова, Ребека, Арбен Шаќири, Сузана Сапсовска, Соња Тарчуловска и Гоце Арнаудов.

Автор: СН/ТТ/ртре/дв/миа

Редактор: Трајче Тосев